Третина од машките припадници на генерацијата З сметаат дека жената треба да биде послушна
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Обемно истражување на јавното мислење, спроведено во 29 земји, покажува дека постои застој на патот кон целосна родова еднаквост.
Истражувањето покажало дека мажите од генерацијата З многу повеќе од постарите генерации поддржуваат традиционални родови улоги и стереотипи.
Речиси третина (31 отсто) од младите мажи, родени помеѓу 1996 и 2012 година, оцениле дека жената треба да биде послушна, а 33 отсто изјавиле дека мажот треба да го има последниот збор при важните одлуки. Тоа го покажува анкетата спроведена од агенцијата „Ипсос“ меѓу 23.000 испитаници.
Анкетата опфатила 29 земји, меѓу кои и десет членки на Европската Унија, како и Велика Британија, САД и Австралија. Резултатите покажуваат дека двојно повеќе млади мажи од генерацијата З поддржуваат вакви ставови во споредба со припадниците на таканаречената бејби-бум генерација, родени помеѓу 1946 и 1964 година.
Само 18 отсто од жените од генерацијата З се согласиле дека жената секогаш треба да го слуша мажот, додека кај бејби-бумерите тој процент бил уште помал, 6 отсто, соопштуваат од Кралскиот колеџ во Лондон, кој соработувал во истражувањето.
Истражувањето, објавено во пресрет на Денот на жената, покажува глобално зајакнување на конзервативните ставови кога станува збор за родовите улоги и напорите за постигнување родова еднаквост.
Меѓу младите мажи од генерацијата З, 43 отсто сметаат дека мажот мора да биде физички силен, дури и ако тоа не одговара на неговата телесна градба. Меѓу сите испитаници вакво мислење делат 32 отсто, а меѓу жените од генерацијата З, 28 отсто.
Иако се најсклони (24 отсто) да веруваат дека жената не треба да биде премногу независна и самостојна, 41 отсто од мажите од оваа генерација сметаат дека жените со успешна кариера се попривлечни. Со тоа се согласуваат 27 отсто од бејби-бумерите од двата пола.
Без оглед на генерациските разлики, со тврдењето дека во нивната земја е направено доволно кога станува збор за еднаквоста меѓу жените и мажите целосно или делумно се согласиле 52 отсто од испитаниците.
Една петтина од испитаниците сметаат дека само жените треба да се грижат за децата
На прво место е Тајланд со дури 81 отсто, по што следуваат Индонезија (78 отсто) и Индија (69 отсто). Ваквата теза најмалку ја поддржале испитаниците од Јапонија (28 отсто), потоа од Франција (39 отсто), како и од Канада и САД (40 отсто), и Ирска (39 отсто).
Во исто време, на прашањето дали се сметаат за феминисти, 39 отсто од испитаниците од двата пола одговориле потврдно. Повторно води Индија со 68 отсто, додека на второ место е Шпанија со 51 отсто. На последното место е Јапонија, каде што само 14 отсто од анкетираните одговориле потврдно.
Истражувањето открива и голем јаз меѓу личните ставови на испитаниците и она што тие мислат дека општеството традиционално го очекува.
Така, помалку од една петтина од испитаниците рекле дека лично сметаат дека само жените треба да се грижат за децата и да ги извршуваат домашните работи, но 35 отсто веруваат дека општеството очекува од жените токму таква традиционална улога.
Помалку од една четвртина сметаат дека улогата на мажот е да заработува за домаќинството, но 40 отсто веруваат дека токму тоа се очекува во земјата во која живеат.
Извор:
021.rs
Фото:Freepik