ЕУ-државјанство - кои земји издаваат најмногу пасоши за жители на земји што не се во ЕУ?
Бројот на мигранти што добиле државјанство во ЕУ значително порасна во последната деценија.
Од 762.000 пасоши издадени во 2014 година до 1,2 милиони во 2024 година, според „Евростат“, ЕУ забележа зголемување од 54 отсто во 10 години и раст од речиси 12 отсто во споредба со 2023 година.
Огромното мнозинство од тие што добиле пасош (88 отсто) се државјани на земји што не се во ЕУ, додека речиси 11 отсто стекнале ново државјанство по преселување од една од 27. членки.
Пасоши наспроти стапка на натурализација
Гледано по земји кои издаваат најмногу државјанства, Германија е далеку пред сите, со речиси 300.000 издадени во 2024 година, што е една четвртина од вкупниот број во ЕУ. По неа следува Шпанија со околу 250.000, а потоа Италија со 217.000.
Меѓутоа, ако се гледа стапката, Шведска има највисока стапка на натурализација, со 7,5 државјанства доделени на секои 100 недржавјани. Следуваат Италија со 4,1, потоа Шпанија и Холандија со 3,9. На дното на листата се Литванија, Бугарија и Естонија со најниски стапки во ЕУ.
Кои националности добиваат најмногу ЕУ-пасоши?
Со над 110.000 пасоши издадени во ЕУ во 2024 година, сириските државјани се најголемата група што добила ЕУ-државјанство. Мароканците се на второ место со 97.000, следуваат Албанците со 48.000 и Турците со нешто над 40.000.
На 5. место се Романците, како најголема група од земја членка на ЕУ, со околу 40.000. Потоа следуваат Венецуелци, Украинци, Индијци, Руси и Бразилци.
Фото: Euronews
Како се добива ЕУ-пасош?
Не постои уникатно правило или пат низ земјите на ЕУ. Просечниот период на престој за аплицирање изнесува околу пет години, но постојат големи разлики меѓу земјите. На пример, во Шпанија се бара 10 години престој за аплицирање за државјанство.
Меѓутоа, за државјани од Латинска Америка, вклучувајќи Аргентинци, Мексиканци, Бразилци и Костариканци, периодот во Шпанија е само две години, што е една од најбрзите патеки до државјанство во светот. Истото важи и за државјани на Португалија, Андора, Филипини и Екваторска Гвинеја кои сакаат да се преселат во Шпанија.
И Шведска нуди скратен рок за граѓани од нордиските земји: две години континуиран престој, додека за другите обично е пет години.
Која европска земја има најлесен пат до државјанство?
Полска, една од најбрзорастечките економии во ЕУ, нуди пат до државјанство по само три години континуиран престој, доколку апликантите имаат стабилен приход.
Во Малта рокот може да биде уште пократок, до само 14 месеци, но само ако се инвестираат најмалку 600.000 евра во економијата. За повеќето апликанти, стандардниот рок е околу пет години.
Во Германија правилата се заострија. Брзиот режим за висококвалификувани работници беше укинат во октомври 2025 година. Стандардниот услов сега е пет години престој, но со дополнителни критериуми, вклучувајќи Б1 ниво на германски јазик, положен тест за државјанство и докажана финансиска стабилност.
Обединетото Кралство има сличен систем. Апликантите мора да имаат најмалку пет години престој, иако владата размислува за продолжување на 10 години. Потребно е да го положат „Life in the UK“ тестот, кој опфаќа историја, култура, влада и право, како и да докажат познавање на англискиот јазик и да немаат извршено сериозни кривични дела.
И покрај тоа што има втора највисока стапка на натурализација во ЕУ, ситуацијата во Италија е посложена. Луѓето од земји надвор од ЕУ обично мора да чекаат 10 години за аплицирање, додека државјаните на ЕУ можат по 4 години. Дури и тогаш, обработката на барањето за италијанско државјанство трае до 24 месеци, а во некои случаи и 36 месеци.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Freepik