Сериозна закана за здравјето на жителите: Како овој мал град стана најзагаден на светот

Сериозна закана за здравјето на жителите: Како овој мал град стана најзагаден на светот

Градот Лони се наоѓа на помалку од еден час возење од Њу Делхи, но ја надминува индиската престолнина кога станува збор за една непријатна титула. Минатата година, според швајцарската компанија „Ај-кју ер“, Лони имал најлош квалитет на воздух во светот.

Чадот од фабриките, издувните гасови од автомобилите и прашината од градилиштата создаваат токсична мешавина која им прави проблем при дишењето на околу 700.000 жители.

За да ја направи листата со најзагадени градови, „Ај-кју ер“ ги анализира ситните честички на загадување познати како ПМ2,5 - едни од најмалите, но и најопасни загадувачи. Минатата година, просечната концентрација на ПМ2,5 во Лони била 112,5, што е 22 пати над безбедната граница на Светската здравствена организација.

Кога се вдишуваат, овие честички продираат длабоко во белодробното ткиво, каде што можат да навлезат во крвотокот и се поврзуваат со астма, срцеви и белодробни заболувања, рак и други респираторни проблеми, како и когнитивни нарушувања кај деца.

Д-р Анил Синг, кој води клиника во Лони, вели дека бројот на пациенти со респираторни проблеми значително се зголемил во последните 5 години.

- Забележувам дека многу мали деца имаат симптоми на почетна астма. Можам да кажам дека изложеноста на оваа средина е еден од главните фактори - вели Синг.

Минатиот април силната песочна бура што го зафати Њу Делхи придонесе за уште поголемо загадување во Лони, правејќи го воздухот уште потоксичен, особено за најстарите и најмладите жители.

Главните извори на загадување во земја со 1,4 милијарди жители се емисиите од возилат и индустрија, палењето земјоделски отпад и прашината од градилишта. Во зимските месеци Лони и другите градови во Северна Индија редовно се соочуваат со нагло зголемување на загадувањето. 

Индија ја започна Програмата за чист воздух во 2019 година, со цел да се намали концентрацијата на ПМ честички за 40 отсто до 2025-2026 година.

И покрај одредени подобрувања во некои градови, експертите велат дека недостигот на строга примена на мерките го забавува напредокот. 

Извор: Euronews.rs
Фото: Freepik