Ова се победниците на „Виз Ер Скопски Маратон 2018“

Ова се победниците на „Виз Ер Скопски Маратон 2018“

Виз Ер Скопски маратон – спортскиот празник на градот заврши со грандиозноста на Еванс Бивот кои го освои првото место на маратонот во Скопје Андријана Поп Арсова го урна маратонскиот рекорд во Македонија Скопје, (06.05.2018) 14-то издание на Виз Ер Скопски маратон официјално заврши и истиот беше исполнет со одлична атмосфера благодарение на организаторите, поддржувачите и учесниците. „Ова беше прекрасен настан. Беше преубаво да се види толку голем број на среќни учесници. Имаше одличен натпревар и очигледно е дека сите со големо срце го сакаат Виз Ер Скопскиот маратон. Во однос на сѐ што дознав овие неколку дена видов дека темелите на овој маратон се удрени години наназад и дека самиот негов раст е неизбежен“, истакна светската рекордерка Пола Редклиф.



Илјадници натпреварувачи ги завршија трката на 5км и полумаратонот во полн сјај, но грандиозноста на Виз Ер Скопски маратон ја земаа самите маратонци. Првото место беше доделено на Еванс Бивот чие време беше 02.14.08 и Џедида Карунгу која заврши со 02.51.24. Второто место од машка категорија го зеде Џон Лангат со 02.14.59, а од женска Марија Врајиќ со 03.02.00. Третото место го освоија Хосеа Кипротич со 02.28.58 од машка и Андријана Поп Арсова со 03.05.04 од женска категорија. Со ова време Андријана Поп Арсова го урна државниот рекорд во маратон за жени.



„Маратонот е најтешкиот вид на атлетска трка во светот и поради тоа секое нејзино одржување претставува сериозен исчекор во развојот и одржувањето на дисциплината. Ова се надградува и со Виз Ер Скопски маратон на кој низ годините учествуваа некои од најдобрите маратонци во светот. Оваа манифестација е најголемиот спортски настан во Македонија и пошироко, и секоја година се руши рекордниот број на пријавени. Ние веруваме дека спортувањето редовно се развива и дека е време поголем број на луѓе од Македонија да почнат да се подготвуваат за да се пријават на полумаратонското и маратонското натпреварување следната година.“, истакна Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон. Тој додаде дека со години ги следат искуствата на светските метрополи и дека поради тоа Виз Ер Скопски маратон ќе продолжи со константното преземање на иновативни чекори со цел што поголем негов развој.



Во категоријата на македонски натпреварувачи на маратонот од машките први три беа Александар Кираџиев со 02.42.48, Марјан Бонев со 02.48.33 и Кокан Ајановски со време од 02.54.41, а од женските Андријана Поп Арсова со 03.05.04, Биљана Кираџиева со 03.15.55 и Весна Кираџиева со 03.32.16. Овие одлични атлетичари од Македонија се натпреваруваат со години и претставуваат неизмерен поттик за секој што сака да се впушти во оваа дисциплина.



14-от Виз Ер Скопски маратон беше блесокот на илјадници тркачи, но само неколку успеаја меѓу првите да ги зададат последните чекори на 5км трката и полумаратонот. Додека, тркачите на маратонот сѐ уште газат по улиците на Скопје во генералниот пласман на полумаратонот Дарио Ивановски беше прв со 01.09.10, Атанас Анчевски заврши втор со 01.14.44 и трет беше Милош Ранчиќ со 01.15.56. Од жените во генералниот пласман првите три места ги земаа Миљана Ристиќ со 01.29.15, Амела Трозиќ со 01.32.22 и Силвија Шимуновиќ со 01.35.06.



„Виз Ер Скопски маратон претставува нешто што е од големо значење за Скопје и Македонија. Сите тркачи кои ги гледаме денес вежбаат со месеци и затоа сме горди да кажеме дека помогнавме во развојот на спортувањето и здравиот начин на живеење. Самите резултати денес, со Македонци држејќи ги најдобрите резултати на полумаратонот, покажува колку оваа дисциплина напредна низ годините.“, истакна Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Скопје. Таа додаде дека секогаш се трудат во воведување на новитети па затоа оваа година за да ги мотивираат натпреварувачите низ целата патека беа поставени познати ДЏ-и, радија, бендови и оркестри кои ги забавуваат тие што трчаат и тие што бодрат.



Трката на 5км беше најмасовна, но само 6 луѓе ја имаа можноста да ги освојат првите 3 места во категоријата мажи и категоријата жени. Кај машките натпреварувачи први беа Богдан Цветковски, Кристијан Стојани, Леонид Вандевски, а кај жените Греса Бакрачи, Марго Бојаџиева, Викторија Ѓорѓеска.

14-то издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија. Скопски маратон традиционално се одржува по повод на Денот на Европа.