Блокирањето на одредени неврони може да ја намали употребата на алкохол

Блокирањето на одредени неврони може да ја намали употребата на алкохол

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Невронаучниците од „Скрипс рисрч“ откриле дека инхибирањето на невроните вклучени во телесниот одговор на стрес може да ја намали употребата на алкохол кај луѓе што имаат и посттрауматско стресно нарушување и нарушување со злоупотреба на алкохол.

Овие откритија помагаат да се отплетка сложената улога што стресот и траумата ги играат во невролошките нарушувања, а исто така информираат за развојот на нови опции за третман на луѓето кои ги доживуваат и двете состојби истовремено.

- Трауматските искуства во животот можат да ја зголемат склоноста кон пиење алкохол и да ги влошат симптомите на депресија и анксиозност. Алкохолот често се користи како стратегија за справување за да се заматат спомените поврзани со траумата и да се намалат негативните емоционални состојби - истакна д-р Мариса Роберто, една од авторките на студијата.

Споменатите нарушувања често се коморбидни, така што разбирањето на нивните основни невролошки механизми во тандем е од клучно значење. Околу 6% од населението во САД развиваат посттрауматско стресно нарушување во одреден момент, според Министерството за ветерани на САД, а луѓето со таа дијагноза имаат 30 отсто доживотна преваленција на злоупотреба на алкохол. Сепак, постојат неколку фармацевтски терапии за лекување на нарушувањата заедно.

Тимот на Роберто претходно создал модел во кој стаорците на кои се извршувала студијата развивале симптоми слични на она што го доживуваат луѓето со коморбидно посттрауматско стресно нарушување и злоупотреба на алкохол: агресија, анксиозност, хипервозбуда, нарушен сон и зголемено консумирање алкохол. Во оваа нова студија, тие ги споредиле овие стаорци со оние што не покажале симптоми на анксиозност, давајќи им на секоја група пристап и до алкохол и вода.

Во споредба со стаорците што не биле под стрес, оние што биле под стрес покажале повисоки нивоа на периферни хормони на стрес, а различните гени во централната амигдала, вклучително и оној што го кодира невропептидот познат како фактор на ослободување на кортикотропин (ЦРФ), биле променети кај стаорците изложени на стрес.

ЦРФ постои во централната амигдала, дел од мозокот кој се менува со прекумерно пиење алкохол и е одговорен за обработка на стравот. Стресот предизвикува нервно ослободување на ЦРФ, кој игра клучна улога во регулирањето на физиолошките одговори на емоциите. Претходните истражувања со стаорци покажале дека инхибирањето на невроните кои изразуваат ЦРФ ја намалува потрошувачката на алкохол.

Откако утврдиле дека стаорците што се под стрес изразуваат повисоки нивоа на ЦРФ во амигдалата, истражувачите потоа ги инхибирале невроните што произведуваат ЦРФ во групата изложена на стрес. Како што се очекувало, тие откриле дека ова ја намалува потрошувачката на алкохол - но не ја ублажува анксиозноста како што првично мислеле дека ќе биде.

- Бевме изненадени кога видовме дека фенотиповите на анксиозност не беа намалени при замолчувањето на невроните кои изразуваат ЦРФ во централната амигдала - вели д-р Брајан Круз, водечки автор на студијата.

Истражувачите заклучуваат дека идните студии треба да ги раздвојат невролошките механизми што стојат зад консумирањето алкохол поврзано со стрес и анксиозноста предизвикана од траума.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik