Македонскиот јазик треба да се негува од градинка до факултет, можеме да го зачуваме само преку успешно школување, вели професорот Људмил Спасов

Македонскиот јазик треба да се негува од градинка до факултет, можеме да го зачуваме само преку успешно школување, вели професорот Људмил Спасов

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со новиот Закон ќе се донесат позитивни промени во македонскиот јазик. Бидејќи се работи за јавна комуникација, јазикот треба да е совршен, односно убав, стандарден македонски јазик и затоа сите јавни институции, министерства на државно рамниште, на локално рамниште, мора да вработат лектор за да го доградиме и доизградиме нашиот административен стил, истакнува професорот Људмил Спасов

Првпат по 34 години е донесен нов Закон за употреба на стандардниот македонски јазик. Авторите веруваат дека тој ќе придонесе за подигнување на јазичната култура, дека со него повеќе ќе се негува македонскиот јазик, дека ќе се заштити македонскиот стандарден јазик и македонското писмо, и што е особено важно - ќе се зголеми општествена и индивидуална грижа за правилна употреба на македонскиот јазик во јавната и во службената комуникација, како и за почитување и унапредување на јазичниот стандард.

Според професорот Људмил Спасов, овој закон е од голема важност за нашиот пат кон ЕУ, кога македонскиот јазик станува еден од официјалните јазици во Унијата. Според него, неопходни се јазични стандарди и при преведувањето на големиот број документи, но и при настапите на македонските претставници во различни комисии на Унијата. Како што ни споделува Спасов, Словенија го направи овој чекор пред десетина години, Хрватска се бореше долго - сигурно девет години и неодамна го изгласа. Словачка има ваков закон, како и сите членки на ЕУ, меѓу кои и Германија и Франција.

Поентата на Законот не е да казнува, туку да укажува на грешките

Законот определува во кои области треба да се почитува македонскиот стандарден јазик. Истовремено отвора можност во секоја јавна институција да постои лектор, кој ќе се грижи околу целокупната документација, бидејќи таа станува архивски материјал. Во приватните телевизии, радија, портали, весници се воведува едно задолжение дека текстот мора да биде лекториран. А малите фирми кои не можат да вработат лектор, ќе користат услуги на друштва за лекторирање. Со законот се поттикнуваат можности за отворање нови лекторати во странство. Предвидено да се доделуваат стипендии за изучување на македонскиот јазик. Но и формирање инспекторат како посебна институција која ќе врши надзор на примената на Законот. Инспекторатот најпрво ќе опоменува, а како крајна мерка се предвидени и казни. За објавување нелекториран текст, правно лице ќе треба да плати казна до 1.500 евра.



Како што зборува Спасов, поентата на Законот не е да казнува, туку да укажува на грешките.

- Поентата е да се крене свеста за користење на стандардниот јазик при јавните настапи - истакнува Спасов.

Тој е оптимист дека со новиот Закон ќе се донесат позитивни промени во македонскиот јазик.

- Бидејќи се работи за јавна комуникација, јазикот треба да е совршен, односно убав, стандарден македонски јазик и затоа сите јавни институции, министерства на државно рамниште, на локално рамниште, мора да вработат лектор за да го доградиме и доизградиме нашиот административен стил. Во поразвиените земји има извонреден административен јазик, односно зборување, документи... сѐ е доведено до перфекција. Не дека ние немаме изградено стил, меѓутоа, во времето на СФРЈ тој беше подложен под влијание на српско-хрватскиот јазик. Многу наши луѓе, како Благун Корубин, Тодор Димитровски работеа на ова. Не постоеше закон или друг правен акт кој не беше лекториран. Задачата на овој закон е да го доизгради и да ги врати убавите работи од тоа време. Ние живееме во време на стандарди. Купувате производ со кој оди големо упатство со листа на стандарди, е, па, тоа е и стандардниот јазик и треба да исполнува стандарди. Вакви закони имаат поголемиот дел од државите во ЕУ - истакнува Људмил Спасов.

Обуки наменети за новинарската струка

Последниве години се добива впечаток дека македонскиот јазик сѐ помалку се почитува, уважува, па дури и познава. Стандардниот македонски стил или јазик не се почитува во училиште, во јавни институции, во медиуми... Се користат англизми, разни жаргони и дијалекти. Не е погрешно нивното користење во разговорниот јазик, но кога станува збор за јавните институции, потребно е секој да знае правилно да го употребува стандардниот јазик.

- Ако зборуваме за поправање на овој феномен, за помало користење за англизмите во општењето, единствен излез е доброто школување, односно децата треба да се научат кој збор во која пригода се употребува, односно да ги научат стиловите на еден јазик. Имаме административен, научен, официјален, разговорен стил... Инаку, буквално во цел свет во жаргонот се користат англизми, односно жаргонски англизми. Како „ајде кулирај“... Иако имаме и наш збор, ретко кој би рекол „олабави“, „излади се“... Дури во германскиот јазик, кој е јазик на над 80 милиони луѓе, се користат премногу такви зборови. Ова се зголеми со употребата на компјутерската терминологија. Би споменал дека оттука потекнува изразот глувче или маус. Пикирај го ова... и многу други. Компјутерската терминологија многу придонесе за зголемување на овие зборови. Порано доминираа германизми. Од автомобилската индустрија, од каде што имаме преземено многу зборови, како шофершајбна - ветробранско стакло. Наместо квачило, велиме куплунг. Од Италија преземавме, кроасан од француски... Имаме многу такви примери - ни изјавува Људмил.



Голем број од медиумите, особено оние без импресум и кои бркаат „кликови“, исто така, не го почитуваат во целост македонскиот литературен јазик, а луѓето го голема мера ги следат и имитираат. Но според Спасов, медиумите се трудат да го почитуваат македонскиот стандарден јазик, но се забележуваат многу грешки, граматички и правописни, кои се или од брзање или од незнаење.

- Тука е потребен новиот закон затоа што тој ќе воведе ред преку разни обуки наменети за новинарската струка. Порано во медиумите како „Нова Македонија“, „Вечер“ имаше лектори кои ги дотеруваа текстовите, а денеска знаеме дека многу медиуми немаат. И оттука добиваме смешни ситуации. Како кога една новинарка од брзање додека ја пишувала изјавата напишала дека има ајкули во Охридското Езеро наместо јагули. Од невнимание и брзање оваа информација беше објавена. Овој нов закон се труди да воведе ред во сферата на јавното општење. Потребни се јазични обуки не само за новинарите, туку за другите струки. Еве ретко е кај нас правник да изговори правилно постапка, најчесто погрешно се акцентира како поста’пка (со акцент).

Од најмали нозе да се негува македонскиот јазикот

На прашањето што според него најмногу му штети на јазикот и што има најсилно негативно влијание, тој вели - едноставно недоволната писменост на употребувачите на јазикот.

- Од најмали нозе, од градинки до факултет треба да се негува македонски јазик, јазичниот стандард или културното изразување. И да знаеме да не ги мешаме стиловите. Да не ги мешаме дијалектите со стандардниот јазик. На училиште, на работно место потребно е да се употребува висок стандарден јазик. Само така ќе го зачуваме јазикот. Надвор од училиште, на улица, во неформална комуникација, секој може да комуницира како сака. Законот не ги уништува дијалектите. Тие се културно богатство еден јазик. Замислете „Т`га за југ“ да ја рецитираме на стандарден јазик, колку ќе загуби таа. Јазикот можеме да си го зачуваме единствено преку успешно школување, не само граматика, туку употреба на стандардниот јазик преку комуникација на учениците на час, преку претстави, на секој можен начин - вели Људмил.

Интересот за изучување на македонскиот јазик и книжевноста се менува, посочува нашиот соговорник.

- Некаде во 90-тите години само на Филолошкиот факултет имавме над 100 студенти кои студираа македонски јазик, ама тогаш се осамостои нашата држава и беа потребни многу наставници, професори по македонски јазик. Кога тој пазар се засити, интересот се намали, но тука постои грешка и од нас, професорите, што ги направивме наставните планови и програми. Ние се обидовме да создадеме групи како комбинации македонско-англиски, македонско-германски, културологија, група за лекторирање, за јавен настап... Меѓутоа, дел од тоа, од финансиски или лични причини, не се прифати и интересот се намали. И бидејќи се отворија повеќе студентски групи за македонски јазик и литература, голем дел од студентите во Скопје сега студираат во Тетово, Битола, Штип. Така што намалувањето на интересот е релативно. Но ние, професорите, треба да ги правиме студиите привлечни за студирање, за можат да најдат работа - истакнува професорот Спасов.



Тој додава дека не сме само ние загрижени за сопствениот јазик, истите мисли, дилеми, грижи ги имаат и Хрватите, Германците...

- Баш гледав дискусија на една од телевизиите, Германците имаа емисија од саат и пол, како да го зачуваат јазикот, и тие се со истите грижи како нашите, а се 80 милиони популација. Така што позитивно е што се зборува на таа тема, што секоја држава води сметка за сопствениот јазик во јавната комуникација. Тоа е потребно и е нормално. И да потенцирам, уметничкиот стил да не го мешаме со стандардниот јазик, во уметничкиот стил сѐ е дозволено. Овој закон не е против уметниците, туку го поддржува. Индивидуалноста треба да се сочува. А во јавната комуникација, науката, институциите, документите, Законот треба да воведе ред - истакнува Спасов.