Работа од соништата: Бесплатни патувања низ светот и плата од 116.000 евра

Работа од соништата: Бесплатни патувања низ светот и плата од 116.000 евра

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Замислете да патувате низ светот, од Јапонија, преку Мароко до Скандинавија и да уживате во убавините на локалните ентериери и за сето тоа да добивате годишна плата од 116.000 евра.

Ова не е шега. Британската компанија „Шоп хоум стајлс“, специјализирана за мебел и уредување на домот, објави оглас за навистина посебно работно место - консултант за трендови во ентериерот.

Избраниот кандидат ќе има задача да истражува ентериери низ светот: од минималистичките куќички во Јапонија до шарените мексикански хациенди, скандинавскиот дизајн и богатите текстури на пазарите во Маракеш.
Компанијата ќе ги покрие сите трошоци за патување и престој во луксузни сместувачки капацитети, а за возврат бара редовно споделување впечатоци и трендови на нивните профили на социјалните мрежи.

Услови речиси не постојат

Не се потребни никакви формални квалификации, доволно е да сте полнолетни, да поседувате пасош и, како што наведуваат од компанијата, да имате силна страст за ентериери и остро око за стил. Најубавиот дел? На патувањата може да поведете пријател кој ќе ви прави друштво, затоа што, нели, светот е поубав кога се истражува во пар.

Иако звучи како нешто што би се гледало во серија на „Нетфликс“, оваа понуда е вистинита и апликациите се отворени до 16 мај. Ако вашата моментална работа не вклучува патувања, ноќевања во дизајнерски хотели и истражување стилови по светските пазари, можеби е време да размислите за промена на кариерата. Или барем да аплицирате ТУКА.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik