„Опен АИ“ воведува физички клучеви за максимална безбедност на „Чет-ГПТ“
„Опен АИ“ во партнерство со компанијата „Јубико“ претстави нова опција за напредна безбедност на сметките, овозможувајќи им на корисниците заштита преку физички безбедносни клучеви и пристап без лозинка.
„Опен АИ“ ја подигнува скалата на безбедноста за корисниците на своите популарни ВИ-модели, вклучувајќи го и „Чет-ГПТ“. Во рамките на новата програма „Напредна безбедност на сметката“ (Advanced Account Security), компанијата во соработка со познатиот производител на хардверски клучеви „Јубико“ им понуди на корисниците можност за заштита на сметката со физички клучеви. Овој потег доаѓа како одговор на сè поголемата употреба на „Чет-ГПТ“ за чувствителни и професионални задачи, како и на зголемената закана од софистицирани сајбер-напади.
Идејата е едноставна, но исклучително ефикасна – наместо традиционалната лозинка, која може да биде украдена или пробиена, пристапот до сметката се осигурува со физички уред кој мора да го поседувате. Со тоа драстично се намалува ризикот од фишинг-напади и неовластен пристап.
Златен стандард за автентикација
Имено, „Јубико“ нуди посебен пакет со два клуча приспособен за корисниците на „Чет-ГПТ“: Јубики Ц нано (YubiKey C Nano), кој преку УСБ-Ц приклучок може трајно да се држи во преносен или десктоп-компјутер, и Јубики Ц НФЦ (YubiKey C NFC), кој за автентикација на паметни телефони едноставно се доближува до уредот.
- Физичкиот безбедносен клуч додава дополнителен слој на одбрана и помага во заштитата на вашата сметка дури и ако вашата лозинка е компромитирана - порачуваат од „Опен АИ“.
Со користење хардверски поддржани пристапни клучеви, корисниците добиваат пристап до она што се смета за „златен стандард“ на автентикација, отпорен на речиси сите облици на фишинг. Иако е потребен физички клуч, тоа истовремено овозможува пристап без пишување лозинка, што го прави побрз и поедноставен процесот на најава. Важно е да се напомене дека корисниците можат да го користат кој било ФИДО-компатибилен безбедносен клуч, а не само оној на компанијата „Јубико“.
Поголема безбедност, но и поголема одговорност
Овој потег не е само технолошко подобрување, туку и промена на филозофијата на безбедноста. Дејн Стаки, директор за информациска безбедност во „Опен АИ“, истакна дека компанијата веќе користи јубико-клучеви за заштита на сметките на своите вработени.
- Ги направивме јубики-клучевите стандарден дел од заштитата на вработените во „Опен АИ“, а со програмата за напредна безбедност на сметката им олеснуваме на корисниците на „Чет-ГПТ“ да го изберат истиот вид заштита отпорна на фишинг - изјави Стаки.
Меѓутоа, со поголема моќ доаѓа и поголема одговорност. Еднаш кога корисникот ќе ја активира напредната безбедност, најавувањето преку лозинка целосно се оневозможува. Тоа значи дека се менува и процесот на враќање на сметката. Веќе не е можно да се користи е-пошта или СМС за враќање на пристапот, туку корисникот мора да се потпре на претходно поставените резервни физички или пристапни клучеви. „Опен АИ“ јасно нагласи дека нивната корисничка поддршка нема да може да помогне во враќањето на сметката за корисниците што ќе се одлучат за ова ниво на заштита, ставајќи ја со тоа судбината на сметката исклучиво во рацете на сопственикот. Како дополнителна погодност, „Опен АИ“ наведува дека разговорите на корисниците со активирана напредна безбедност автоматски се исклучуваат од процесот на тренирање на идните ВИ модели, што претставува значаен чекор кон поголема приватност.
Фото: freepik