„Содржина генерирана од ВИ, без проверка од човек, не може да се смета за професионално новинарство“, вели новинарот Александар Манасиев

„Содржина генерирана од ВИ, без проверка од човек, не може да се смета за професионално новинарство“, вели новинарот Александар Манасиев

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Само мал дел од медиумите транспарентно ја означуваат синтетичката содржина, додека најголемиот дел од оние што активно користат ВИ-алатки не ја информираат јасно публиката за тоа

Вештачката интелигенција сè поинтензивно го зазема своето место во медиумите, трансформирајќи го начинот на кој се создава веста, се обработува содржината и се дистрибуира информацијата. Најчесто се користи за автоматизација на новинарски процеси, анализа на големи количини податоци и персонализација на содржини, со цел побрзо и поефикасно информирање на публиката. Сепак, и покрај многуте предности, како заштеда на време и ресурси, ВИ со себе носи и негативни аспекти поврзани со точноста, етичките стандарди и можноста за ширење дезинформации.
Александар Манасиев, долгогодишен новинар, потврдува дека вештачката интелигенција (ВИ) интензивно се користи во медиумите во регионот, и тоа најчесто на неформален и нерегулиран начин, без јасни уреднички насоки, интерни правила или стратешка одлука на менаџментот.
- Во практика, ВИ-алатките често се користат индивидуално од страна на новинарите и другите медиумски работници како брзо и практично решение за секојдневните задачи, а не како дел од јасно дефинирана редакциска политика. Нашите анализи покажуваат дека ВИ најчесто се воведува оддолу-нагоре, односно дека новинарите и другите медиумски работници самостојно почнуваат да користат ВИ-алатки, без воспоставени правила, насоки или етичка рамка за нивна употреба - истакнува Александар.

Новинарството потпомогнато од ВИ се движи во две паралелни насоки - позитивна и проблематична


Веќе постојат медиумски платформи и веб-страници кои целосно се полнат со содржини генерирани од ВИ, без јасна транспарентност кон публиката. Новинарството потпомогнато од ВИ денес се движи во две паралелни насоки: едната е позитивна, каде што ВИ се користи како алатка за анализа на податоци, визуализација, истражување и автоматизација на рутински задачи; другата е проблематична, кога ВИ се користи за масовно производство на содржини без човечка контрола и без почитување на професионалните стандарди, подвлекува тој.

Според Александар Манасиев, транспарентното означување на содржините кои се генерирани или асистирани од ВИ треба да стане обврска. Публиката има право да знае кога чита текст, гледа видео или визуелен елемент кој е создаден со помош на вештачка интелигенција. Сепак, во практика ова речиси и да не постои. Само мал дел од медиумите транспарентно ја означуваат синтетичката содржина, додека најголемиот дел од оние што активно користат ВИ-алатки не ја информираат јасно публиката за тоа.



- Во вакви случаи, саморегулаторните механизми, како Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите (СЕММ), треба да бидат на првата линија на заштита на јавниот интерес, особено кога станува збор за злоупотреба на ВИ од страна на новинари или редакции - вели Манасиев.

Кодексот на новинарите на ЗНМ треба да се надополни со јасен дел што ќе се однесува на употребата на ВИ.

- Не како забрана, туку како етичка рамка: кога и како смее да се користи ВИ, каде мора да има човечка проверка и како се обезбедува транспарентност кон публиката. Ова е неопходно за да се зачуваат професионалните стандарди во новиот дигитален контекст. Веќе е утврдена и потребата од менување на Кодексот со вметнување на новите дигитални предизвици, меѓу кои и вештачката интелигенција - изјавува Александар.

ВИ нема уредничка одговорност, етичко расудување, ниту разбирање на контекстот

Содржина генерирана од ВИ без проверка од човек не може да се смета за професионално новинарство. ВИ нема уредничка одговорност, етичко расудување, ниту разбирање на контекстот.

- ВИ има огромен потенцијал како алатка за зајакнување на истражувачкото новинарство, особено во анализата на големи бази на податоци, документи, финансиски текови и во визуализацијата на сложени информации. Клучно е времето што ВИ го заштедува да се инвестира во дополнителна проверка и уредничка контрола бидејќи халуцинациите и грешките на ВИ можат да претставуваат сериозен ризик. На пример, доколку за прегледување на 1.000 страници документи би биле потребни пет новинари кои ќе работат десет дена, анализата со помош на ВИ може да даде првични резултати за само неколку часа. Токму затоа, заштеденото време треба да се искористи за темелна верификација на податоците, бидејќи технологијата е моќна, но не и безгрешна - појаснува Александар.

На прашањето како да се спречи злоупотреба на ВИ и како да се заштити публиката, тој изјавува:

- Злоупотребата на ВИ за креирање лажни вести, дипфејк видеа и манипулативни содржини може да се спречи само со комбинација од мерки: јасни редакциски правила, континуирани обуки, човечка проверка и транспарентност кон публиката. Во моментов, секојдневно можеме да забележиме ВИ-генерирани видеа и текстови во медиумите без никаква назнака дека станува збор за синтетичка содржина. Кај текстовите, понекогаш единствениот „доказ“ за користење на ВИ е несакана „опашка“ од одговорите на „Чет-ГПТ“ при copy-paste, што е особено загрижувачко. Ако ВИ-алатките ги споредиме со супербрзи електрични автомобили што овозможуваат движење со брзина од 300 километри на час, а постојните редакциски структури со пат направен од калдрма, станува јасно дека ефикасното користење на технологијата е невозможно без некој да биде изложен на сериозен ризик. Токму затоа, етичката рамка, континуираната обука и негувањето култура на промени и иновативност во редакциите се предуслов калдрмата да се претвори во автопат, на кој медиумите безбедно и одговорно ќе можат да ги искористат потенцијалите на ВИ-алатките - изјавува Александар.



ВИ да биде само помошна алатка, а не автор или уредник

Дека вештачката интелигенција се користи во македонските редакции, потврди и Бјанка Станковиќ, претседателка на платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.

- Тоа не е ништо ново, но најчесто таа употреба е ад хок и по лична иницијатива на новинари или редакции. Веќе голем дел од нив ја користат на најразлични начини. Токму ова го покажа и неформалната онлајн анкета на ПИНА помеѓу колегите, каде што 86,5 % од 50 испитаниците споделија дека користат алатки со вештачка интелигенција во новинарската работа и тоа најмногу „Чет-ГПТ“, а потоа Џемини, Копилот, Грамарли итн. Тие најмногу ги користат алатките за превод и проверка на факти. Потоа за транскрипт на интервјуа, уредување, лекторирање, пишување итн. Најголем процент (38,5% ) од колегите што се изјасниле дека користат алатки со ВИ се испитаници на возрасната група од 35 до 44 години - истакна Бјанка.

„Вештачката интелигенција и медиумите“ беше и тема на ланското издание на Медиумскиот фестивал Скопје во организација на ПИНА и генералниот заклучок помеѓу колегите и гостите на фестивалот беше дека новинарската професија живее нов, побрз, покомплексен пресврт, но дека новинарите и натаму треба да ги задржат професионализмот, интегритетот, етичката и човечката одговорност, како примарни начела според кои ќе се водат во работата, бидејќи тие не може да се „автоматизираат“ со ВИ. Вештачката интелигенција да биде само помошна алатка, а не автор или уредник. Всушност, иднината не зависи од тоа дали вештачката интелигенција ќе ги замени новинар(к)ите бидејќи иако гледаме примери каде што алгоритмите преземаат дел од задачите на деск-редакциите, тоа не значи дека човечката улога исчезнува. Напротив, улогата на новинарите, уредниците и проверувачите на факти станува уште поважна, така што ќе останат отворени за учење на новите технологии и ќе развиваат стратегии за одговорна употреба на ВИ, споделува Бјанка.

- Сметам дека како што редакциите се должни да го напишат авторот (на текстот, фотографијата, видеото) и на своите веб-страници да напишат импресум за медиумот, така треба јавно да означуваат кога содржината е генерирана или асистирана од ВИ. Ако тргнеме од фактот дека живееме во медиумски систем обликуван од алгоритми, ние новинар(к)ите имаме целосна одговорност за транспарентност кон публиката бидејќи публиката има право и потреба да разбере што се случува со информациите што ги добива секојдневно - вели таа.



Вештачката интелигенција е меч со две острици

Не може да зборуваме за професионално новинарство без човечка проверка.

- Всушност, ништо не може да го замени човечкото сетило за откривање и раскажување автентична новинарска приказна, ниту пак неговата креативност бидејќи ништо не може да ги замени нашите животни искуства кои се темелот на креативното изразување во нашата работа. И за да се креира некаков новинарски продукт потпомогнат со ВИ, повторно е потребна човечка креативност за да му даде насоки на тој алгоритам како да ги создаде тие содржини. На крајот на краиштата, секој прилог, приказна, видео или каква било новинарска содржина при чија изработка е користена каква било ВИ-алатка мора да го помине човечкиот филтер пред објава, зашто тоа е должност на самиот/самата новинар/ка. Впрочем, нашата професија се темели на тоа - „провери три пати пред да објавиш нешто“. На тој начин се гради довербата кај публиката, но и воедно се работи на подигнување на нивото на медиумската писменост. Во врска со истражувачкото новинарство, верувам дека алатките со ВИ може да им бидат од корист на истражувачките новинар(к)и од аспект на ефективност, односно кратење на времето за задачи кои претходно им одземале многу повеќе време, како на пример, собирање информации, сортирање документи, пребарување низ бази на податоци, превод, транскрипт, визуализација на податоци итн. Но повторно ќе кажам, човечкиот фактор е најважен како контрола и проверка врз сѐ што алатките со ВИ ќе го дадат како резултат - изјавува Бјанка.

За жал, денес со помош на ВИ гледаме пософистицирани дигитални напади: фалсификати, лажни фотографии, автоматизирани кампањи на вознемирување, дипфејк видеа и фотографии и слично. Тоа го прави нападот побрз, погласен и потешко препознатлив. И затоа, за вештачката интелигенција може да се каже дека е меч со две острици, подвлекува Бјанка.

- На пример, со неа може да се создаваат дезинформации и манипулативни содржини, но истовремено таа нуди алатки за нивно побрзо откривање и проверка (на пример, алатки за детекција на злоупотреби, следење на координирани напади, подобра дигитална безбедност и слично). Суштинското прашање е дали редакциите, медиумските организации и институциите ќе ја препознаат оваа реалност и ќе реагираат со поддршка и политики креирани во таа насока. Ова е време кога сериозно треба да се работи повеќе од кога било на подигнување на нивото на медиумската писменост кај најмладата, па сѐ до највозрасната публика, и тоа од различни аспекти. Мора да се реформираат образовните системи кои ќе се приспособат на современиот тек на живеење. Доколку не се посвети внимание на образованието (a тука особено мислам на критичкото мислење и медиумската писменост), ќе се вртиме во маѓепсаниот круг во кој борба ќе водат оние што ја злоупотребуваат ВИ и креаторите на алатки за дебанкирање и детекција на манипулативните ВИ-содржини, на чија сметка штета ќе има секој од нас - сподели нашата соговорничка.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.