Уште еден скандал на ДУТ: Двајца функционери незаконски станале вонредни професори, тврди просветниот инспектор Илиевски

Уште еден скандал на ДУТ: Двајца функционери незаконски станале вонредни професори, тврди просветниот инспектор Илиевски

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Антикорупциска испитува и дали заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, незаконски напредувале во наставно-научни звања

Покрај министерот за образование и наука Арбер Адеми, и двајца сегашни функциoнери во Владата незаконски се стекнале со наставно-научни звања на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово - заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, тврди просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски. Емрули за Факултети.мк рече дека нема да го коментира случајот, а заменик-министерот Нухиу сѐ уште не одговорил на нашите прашања.

Функционерите не даваат изјави

И Државната комисија за спречување корупција истражува дали станува збор за незаконитост бидејќи работните места на овие функционери на тетовскиот универзитет им биле во мирување кога се стекнале со новите наставно-научни звања.
Претставката до Антикорупциска ја поднел инспекторот Ѓорѓи Илиевски на 13 мај оваа година, а оттаму ни изјавија дека случајот е обемен и дека ќе се отвори постапка за натамошно истражување по овој предмет. Илиевски вели дека незаконитоста е утврдена при редовен инспекциски надзор на тетовскиот универзитет во април оваа година.





Во претставката доставена до Антикорупциска пишува:
„Постапката за избор на д-р Агим Нухиу во наставно-научно звање вонреден професор е незаконита, од причина што неговиот работен однос е во мирување како заменик-министер во Министерството за внатрешни работи во Владата на Република Македонија“.


Агим Нухиу/ Фото: МВР

Инспекторот Илиевски за Факултети.мк вели дека решението за мирување на работниот однос на Нухиу како доцент на Правниот факултет е донесено на 13 април 2016 година, сѐ додека ја врши функцијата заменик-министер, согласно Законот за работни односи.
- Но, во периодот на мирување тетовскиот универзитет поведува постапка и распишува конкурс за избор на еден наставник. Изборот на доцент д-р Агим Нухиу му е предвремен, со две иницијативи од приватен универзитет Месдетар-Тирана и Приватниот меѓународен универзитет во Струга и се избира во наставно-научно звање вонреден професор. Одлуката е од 3 ноември 2017 година. Констатирав дека оваа одлука е незаконита бидејќи работниот однос му е ставен во мирување - вели Илиевски.
Во Решението од тетовскиот универзитет од 13 април за мирување на работното место на Нухиу како доцент пишува дека по престанокот на вршењето на функцијата заменик на министерот или друга јавна функција на која е именуван, има право во рокот утврден со закон да се врати на работа кај работодавецот за вршење работи што одговараат на неговиот степен на стручна подготовка.
Го побаравме заменик-министерот за коментар, но на неговиот мобилен телефон се јави вработен во кабинетот кој ни рече дека Нухиу е зафатен. До објавувањето на текстот не успеавме да добиеме негова изјава.



Напредувал, а работното место било во мирување, утврдил инспекторот

Директорот на државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, пак, според Илиевски, незаконски станал и доцент и вонреден професор на Правниот факултет при ДУТ.
- Констатирав дека постапката за избор на д-р Сафет Емрули за избор во наставно-научни звања доцент, па вонреден професор е незаконита, од причина што неговиот работен однос е во мирување како директор на Државниот завод за индустриска сопственост, согласно член 151 од Законот за работни односи, како и спротивно на член 135, став 3 од Законот за високото образование. Тој сѐ уште е директор на оваа институција, односно уште од 2008 година, а во меѓувреме напредувал во доцент и вонреден професор - вели Илиевски.

Директорот Емрули во телефонскиот разговор не сакаше да коментира за случајот.
- Јас немам никаков акт и немам што да коментирам - ни изјави тој.


Сафет Емрули/ Фото: ippo.gov.mk

Од тетовскиот универзитет вчера ни изјавија дека не добиле никакви решенија, односно записниците од Државниот просветен инспекторат во кои се констатирани недоследностите. Инспекторот Ѓорѓи Илиевски вели дека писмата му се враќаат со забелешка „не прима“. За ова ги известил и во Антикорупциска, која го истражува случајот.