Колумна: Ја крие ли Гостивар најголемата тајна на римската архитектура?

Колумна: Ја крие ли Гостивар најголемата тајна на римската архитектура?

Со години се случуваат многубројни културно-уметнички и друг вид јавни настани токму тука, промовирани од страна на локалните авторитети како настани што се случуваат во... „летниот амфитеатар“

Забрзаниот развој и урбанизацијата, индустријализацијата, поткрепени со сајбер-роволуцијата полека, но сигурно го прават клучниот чекор. Податоци имаме од сите страни, некои се автентични и релевантни, некои се апсурдни и дискутабилни, впрочем, виртуелната реалност ни создава перцепција во која сите сме богови, знаеме сѐ, можеме сѐ.

Подолго време се мислев дали воопшто да почнам да пишувам за еден феномен кој со години се провлекува низ Гостивар, не како архитектонско здание, туку како термин кој упорно се пласира во јавноста. Во гостиварскиот парк постои солидна копија на антички театар кој е скоро изграден, дополнително ја разубавува глетката на амбиентот кој го потполнува и величенствениот Аксиј (Вардар), и тоа чесно кажано е прекрасна глетка. Причината што ме предизвика да напишам една мала критика првенствено кон властите во Гостивар, потоа и кон гостиварци, е неговото именување како „амфитеатар“. Со години се случуваат многубројни културно-уметнички и друг вид јавни настани токму тука, промовирани од страна на локалните авторитети како настани што се случуваат во ЛЕТНИОТ АМФИТЕАТАР.

Постоеле и такви? Зарем во мојот образовен процес на Институтот за историја на уметност и археологија си дозволив овој термин да го пропуштам? Се сметам себеси за солиден истражувач кој внимава дури и на најмалите ситници. Постои и градски аудиториум во форма на медиуми кои истото упорно го пласираат во медиумите: ЛЕТНИОТ АМФИТЕАТАР?!

Како стручно лице кое живее и твори во градот, чувствувам силна потреба да ја променам таа апсурдност. Најдобар начин за тоа се медиумите - секако медиум кој автентично ќе ја спроведе веста до читателот. За таа цел, ќе направиме краток преглед на ТЕАТРИТЕ И АМФИТЕАТРИТЕ и нивните карактеристики. Бидејќи амфитеатарот е класично ремек-дело на римската архитектура, ќе ги разгледаме промените што почнале токму во тие хронолошки фази.

Римските театри


Вообичаено биле градени на едната страна на ридот за да се овозможат скалести седишта. Богатството, иновативноста и стабилноста на империјата претставувале клучни фактори за креирање на ваквото уникатно задоволство, но поради империјата, тие биле луксуз доживеан од страна на Римјаните, со тоа што основните потреби биле задоволени, населението имало можност да го сврти вниманието кон активности што не биле од суштинско значење. Римските театри биле присвоени од грчките и биле во полукружна форма. Вообичаено, тие биле градени на едната страна на ридот со цел да се овозможи конструкција за скалести седишта. Во случај кога не било возможно да се најде соодветен рид, театрите биле градени со помош на бетонски сводовни потпори кои ги држеле нивоата на седишта. При сводна конструкција засолништето било бонус во случај на неповолни временски услови.

Римскиот театар во Фиренца / Фото: Wikipedia

Дијаметарот на полукругот изнесувал околу 103 метри, сцената била широка околу 61 метар, а околу 13 метри длабока. Дел од сценскиот ѕид останал со дупки за јарболи за придржување на натстрешницата. Театарот на Марцелиј во Рим, изграден во последната деценија од 1 век пр.н.е, бил изграден на точно определено ниво за конструкцијата да може да ги озрачува засведените бетонски ѕидови. Театрите биле изградени низ целата империја за да им овозможат простор за забава на граѓаните. Забавата не би била замислена, ниту остварена доколку империјата не била моќна.

Римските амфитеатри

Друг вид забава за Римјаните бил амфитеатарот. Модерното толкување на амфитеатарот, полукружен отворен објект, за Римјаните било познато како „театар“. Римскиот амфитеатар наликувал на тоа денес што го нарекуваме стадион, или арена (латински збор што значи песок, кој ја апсорбирал крвта на борците). Амфитеатарот претставувал уникатен римски изум за кој тие воопшто не се потпреле на грчкото влијание или дизајн. Елипсовиден во форма, амфитеатарот бил изграден со високи нивоа на седишта креирајќи континуиран аудиториум околу централната арена. Траги од амфитеатри биле пронајдени низ сите делови на империјата и биле дел од секојдневниот римски живот. Најпознатиот од сите римски амфитеатри, а можеби и од сите римски градби, е Колосеумот во Рим, завршен во 82 г., по 12 години изградба. Колосеумот бил изграден во долината која се наоѓала помеѓу ескилинските и калеијанските ридови. Надворешните ѕидови од елипсата имаат димензии 188 метри со 155 метри, а подот на арената бил 87 метри со 54 метри. Подиумот кој се наоѓал на подот бил место каде што седеле императорот, сенаторите и други државни функционери. Заедно со задната страна на подиумот и околните страни, тој имал капацитет за 50.000 седишта.


Колосеум во Рим / Фото: Flickr

Под седиштата имало ходници и скали за качување на горните нивоа. На надворешната страна се изградени колци на кои се прицврстени јажиња за прицврстување на ткаена крошна која им држела сенка на гледачите. Основата била од бетон, а потпорните ѕидови биле изградени од туфен камен и цигли. Травертинските блокови споени со метални стеги биле составен дел од фасадата, а мермерот бил искористен за градење на седиштата и украсите. Структурниот дизајн на зградата со нејзините клинесто формирани столбови, блеснувајќи ги внатрешните потпирачки сводови, произвел силна градба која стои речиси два милениума. Доколку не биле ископани материјали од Колосеумот за изградба на други градби, тој би го имал истиот изглед како во вториот век.
Екстериерот на Колосеумот бил висок, со четири ката, а првите три ката биле во форма на лак – едноставна, но сепак сложена употреба на овој архитектонски елемент кој дава извонреден изглед кој останува импресивен сѐ до денес. Целта на амфитеатарот била да овозможува забава, но исто така имала одредена количина економска активност. Како и театарот, способноста на постоењето на ваков тип објект бил резултат на империјата, одразувајќи ја римската економска стабилност, воената моќ, богатството, како и капацитетот на иновативност.

Гостиварскиот пример


Да го споредиме сево ова со нашиот, гостиварски пример. Согледувајќи ги разликите, нивната визуализација јасно говори за разлики на обете зданија во автентична форма. Сето тоа нѐ води кон неколку заклучоци.


Летната сцена во Гостивар

Првиот од нив е: неукоста и основните непознавања на новинарите што пишувале за здание кое го нема ниту како копија во Гостивар. Второ: непридавање доволно внимание на културното наследство (кое минатата година доби повеќе на значење благодарение на тимот на Конзерваторскиот центар во Гостивар), игнорирањето од страна на компетентните власти и институции на стручниот кадар кој го има во Гостивар, а се занимава со овие проблематики. Трето: изоставувањето на овие податоци од образовниот процес (од страна на колегите историчари кои предаваат во училиштата), потоа, преносот на податоци до населението кое е нем набљудувач. Четврто и конечно: немањето ординирачка институција/музеј која ќе ги пласира соодветно податоците што треба да стигнат до публиката.
Можеме да констатираме дека во Гостивар нема АМФИТЕАТАР, ниту како копија. Моделот кој се наоѓа во градскиот парк потсеќа на класичните антички театри. Еден куриозитет. Во Македонија не постојат АМФИТЕАТРИ, воопшто.

Пишува: Даниел Ѓорѓевски – археолог