Матурантите сакаат прослава, кариерниот пат на проф. д-р Маџаров, втор живот на инструментите, вакцинација и на деца... Што истражувавме неделава?
Во случај да пропуштивте...
На ТМФ ќе научите битни вештини, ќе може да напредувате во кариерата и да си обезбедите задоволителна егзистенција, вели Николајчо Николов од „Бучим“: Николајчо Николов е управител во „Бучим“ – Радовиш, претседател на Македонската асоцијација за рударство при Стопанската комора. Пред успешниот крај на својата работна кариера ни раскажа и за нејзините почетоци, како дипломиран металург на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје - ТМФ, но и за сето она што го овозможуваат студирањето и едукацијата.
Агим Рушити, прв човек на Агенцијата за квалитет во високото образование, за отворањето на бугарскиот универзитет „Св.Св. Кирил и Методиј“ кај нас, за јазикот на кој ќе се учи... Во Законот за високото образование треба да се изменат, допрецизираат, надополнуваат одредени одредби кои ќе ги дефинираат улогата, ингеренциите, одговорноста на органите на Агенцијата за квалитет во високото образование, согласно европските стандарди, вели Рушити.
Штом се дозволуваат свадби, да се дозволат и матурски прослави, па макар групирани по класови, бараат матурантите: Некои имаа среќа во животот да слават и 60-годишнина од матура, а годинашните матуранти, како и тие од минатата година, немаат можност да ја прослават ни главната матурска забава. И годинава пандемијата ги замолкна тапаните по училишните дворови, го прекина матурското оро, младинскиот кадрил, прославите до раните утрински часови, планирањето на партнерските двојки, шопингот во Солун, но, пред сè, ја згасна возбудата.
Образование: Реформи, политика или терање инает: Дали силните реакции што ги има по секоја спомената реформа во образованието се случуваат поради судир на идеолошки концепти, политика, незнаење или нешто сосема друго? На почетокот од сè има еден заеднички именител, а тоа е дека сите се согласни дека на македонскиот образовен систем му се потребни итни реформи.
Даниловски: Без вакцинација на децата, вирусот може да тлее и да мутира: Што посеопфатното вакцинирање на целото население, па дури и на децата над две години, ќе има идни далекосежни придобивки за спречување на ширењето на коронавирусот, посочува епидемиологот
По скалилата на успехот со проф. д-р Ѓорѓи Маџаров: Со трпеливоста и расудувањето научени во спортот сега истражува во вештачката интелигенција: „Пасијата е двигател на човекот, тоа што сака да го прави, го прави без разлика на сè. Како ученик, пасија ми беше спортот, а сега тоа е вештачката интелигенција“, вели за својот животен пат Ѓорѓи Маџаров, професор на ФИНКИ и истражувач во полето на вештачката интелигенција.
Почнавме со еден молив кој буквално со селотејп го лепевме за раката на ученикот, која се тресеше, за да може да го држи и да го насочи. Правевме адаптација од ништо, а сега стигнавме до најдобра апаратура во овој регион, не само во нашиот град - вели Андријана Шокларовска, дефектолог, специјален едукатор и рехабилитатор.