„Камера“ генерира фотографија врз основа на тоа каде се наоѓате

„Камера“ генерира фотографија врз основа на тоа каде се наоѓате

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Запознајте ја „Параграфика“ - камера (ако може да се нарече така) без леќи која користи податоци за локацијата и неколку алатки на вештачката интелигенција (АИ) за да генерира фотографии, наместо „застарените“ фотони.

-„Параграфика“ е камера која користи податоци од локацијата и вештачката интелигенција за да визуализира „фотографија“ од одредено место и време. Камерата прикажува опис на вашата моментална локација, користејќи ги адресата, временските услови, времето од денот и блиските места - стои на страницата на проектот.

Ако и вие се прашувате зошто, креаторот Бјорн Карман, дизајнер од Холандија, има одговор.

- Како што моделите на вештачката интелигенција стануваат сѐ посвесни, ќе биде тешко да се замисли како може да го гледаат нашиот физички свет. Камерата нуди начин за искусување на светот околу нас кој не е ограничен само на визуелна перцепција - пишува тој на страницата и додава дека „Параграфика“ овозможува подлабок поглед во суштината на моментот преку перспективата на други интелигенции.

Свест е прилично силен збор и иако дизајнерот вели дека „Параграфика“ им нуди шанса на луѓето да гледаат како што гледаат програмите на АИ, можеме слободно да кажеме дека со оглед на тоа дека се користат содржини генерирани од човекот за да се истренира АИ, сето тоа е само имитација на човечката перцепција.

Сепак, Карман разјасни дека ова е уметнички проект и дека нема намера да ја предизвикува фотографијата.

Извор: Futurism