Сојузот на средношколци поднесе иницијатива до Уставен суд сите средношколци да имаат бесплатен јавен превоз

Сојузот на средношколци поднесе иницијатива до Уставен суд сите средношколци да имаат бесплатен јавен превоз

Сојузот на средношколци денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на членот 41 а од Законот за средното образование. Претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ, на денешната прес-конференција посочи дека тие предлагаат законски измени кои се однесуваат на правото на бесплатен и праведен јавен превоз за сите средношколци.

-Јавноста се сеќава дека на 13 март одржавме прес-конференција на која најавивме дека нашите предлог-измени на Законот за средното образование по однос на овој член ќе ги доставиме до Собранието и им дадовме рок од два месеца, односно до 15 мај истиот да го стават во постапка и да го донесат, бидејќи не стануваше збор за некој обемен и сложен закон, туку за интервенција во само еден член. Законските измени што ги предлага Сојузот се однесуваат на правото на бесплатен и праведен јавен превоз за сите средношколци - рече Павиќевиќ.

Тој напомена дека моменталната состојба не ги третира средношколците еднакво, бидејќи има повеќе категории средношколци кои немаат право на бесплатен и праведен јавен превоз, а како што рече, во оваа категорија предничат учениците од приватните училишта, но и учениците од стручните училишта кои посетуваат феријална пракса во текот на летниот и зимскиот распуст, а немаат право на организиран превоз во текот на распустите.

Како што рече, немаат право на бесплатен превоз ниту учениците кои живеат на помалку од 2,5 километри од училиштето.

- Ние сметаме дека сегашните одредби се косат со членовите 9 и 44 од Уставот. Членот 9 гласи дека граѓаните на Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Ние ги оспоруваме токму клаузулите за социјалното потекло и имотната и општествената положба. Членот 44 од Уставот гласи дека секој има право на образование, а образованието е достапно на секого со еднакви услови. Поради овие причини, ние поднесуваме иницијатива до Уставниот суд и веруваме дека судот ќе пресуди во наша корист - додаде Павиќевиќ.

Извор: МИА