Седум чести причинители на силна болка на левата страна од главата

Седум чести причинители на силна болка на левата страна од главата

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Болката на левата страна од главата може да биде предизвикана од различни причини. Овој тип болка обично не е причина за загриженост, но ако е интензивна или не исчезнува, може да има посериозна причина што бара дијагноза.

Што може да предизвика болка на левата страна на главата


Ризик-факторите за болка на левата страна се движат од начинот на живот (прескокнување оброци, напнатост, прекумерна употреба на лекови) до некои посериозни состојби и болести. Важно е да се знае дека наведените животни фактори, најчесто како причина за главоболки, се минливи и исчезнуваат како што ги менуваме нашите навики. Некои од најчестите се:

-дневно консумирање алкохол
-нередовни оброци
-хронична изложеност на стрес
-недоволно спиење
-консумирање одредени конзерванси или вештачки бои.

Медицински предизвикувачи за болка на левата страна на главата може да бидат:

-благи инфекции (дури и обична настинка)
-алергии
-одредени лекови
-дехидратација
анемија.

Главоболката на левата страна генерално не е сигурен знак за одредена состојба и спаѓа во специфични симптоми. Често се појавуваат како посттрауматски главоболки, по силен удар или друга траума. Доколку не престане или се интензивира, задолжително консултирајте се со лекар. Еве кои се најчестите причини за главоболка на левата страна на главата, ако се исклучат посериозните болести.

Напнатост, стрес и психолошки притисок како причина за болка на левата страна на главата

Тензионите главоболки се најчестиот тип главоболка во светот. Тие влијаат врз околу 75 проценти од возрасните. Во однос на симптомите, ги чувствуваме како некоја лента да ни се стега околу главата, лицето и слепоочниците. Може да почувствувате притисок на едната или на двете страни и на задниот дел од главата. Рамената и вратот, исто така, може да бидат болни. Многу често овој тип главоболка е концентрирана на левата страна на главата.

Мигренозна болка на левата страна на главата

Мигрената е едно од најчестите нарушувања и го погодува секој шести човек во светот. Жените имаат два до три пати поголеми шанси да доживеат напади на мигрена од мажите. Се карактеризира со интензивна, мачна болка, често на едната страна од главата. Болката често е придружена со симптоми како што се гадење, повраќање и чувствителност на звук и светлина.

Кластерска главоболка

Кластерските главоболки се ретки, но исклучително интензивни и болни. Почесто се јавуваат кај мажите. Сепак, жените може да доживеат потешки симптоми на овој тип главоболка иако тие се јавуваат неспоредливо поретко. Како што посочува името, кластерните главоболки се јавуваат во кластери во текот на денови или недели. Овие напади на кластери се проследени со периоди без главоболка кои можат да траат месеци или години.

Кога ќе започне нападот на кластер главоболка, ќе почувствувате интензивна болка на едната страна од главата. Окото на засегнатата страна може да биде црвено, водено и болно.

Синусна главоболка

Синусните главоболки се тешки главоболки предизвикани од инфекција во синусите (синузитис) и придружно воспаление. Тие обично се со благ до умерен интензитет. Во тој случај инфекцијата може да биде посериозна и да бара дополнителна дијагностика и третман. Синусните главоболки се манифестираат со дифузен притисок зад очите, на страната на носот, понекогаш веднаш над забите на погодената страна. Тие обично се придружени со конгестија или постназални секрети. Можат да предизвикаат болка во окото, непријатност во ушите и главоболка од двете страни на главата.

Хронична болка во главата

Хроничните главоболки можат да бидат од кој било од наведените типови, а за да се третираат како хронични, мора да се појавуваат најмалку 15 дена во месецот, 6 месеци или подолго. Тие се опишани како досадна, пулсирачка, интензивна болка на едната страна од главата или стегање како прстен, во зависност од видот на главоболката што ја имате.

Цервикогена главоболка

Цервикогената главоболка е главоболка предизвикана од проблем во вратот или цервикалниот 'рбет. Може да се појави поради различни состојби, како што се остеоартритис, повреди или лоша положба во статична состојба (лежење или седење). Еден од клучните симптоми на оваа состојба е главоболка на едната страна од лицето или главата. Може да почувствувате болка околу окото, а вратот, исто така, обично ќе биде болен.

Хипнична главоболка

Хипничната главоболка се развива за време на спиењето, често предизвикувајќи силна болка при будење. Секој трет човек што ја добива оваа главоболка ќе доживее многу силна болка. И оваа главоболка може да влијае врз едната или двете страни на главата. Болката може да биде досадна и пулсирачка, но и остра, како убод.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik