Нова студија открива колку човечки години има едно куче

Нова студија открива колку човечки години има едно куче

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Сите сме слушнале дека една година живот на куче е еднаква на седум години живот на човек. Митот постои долго време без никаков доказ.

Сега истражувачи од Медицинската школа при Универзитетот во Сан Диего, Калифорнија, создадоа нова формула која многу поточно ја пресметува возраста на кучињата. Формулата се заснова на променливи шеми на метил групи кај геноми на кучиња и луѓе.

Земени се предвид степенот и локацијата на овие хемиски ознаки додека тие стареат и се отфрла правилото 1:7. Научниците велат дека не само што се руши мит, туку и може да се обезбеди корисна алатка за ветеринарите и сето ова да послужи за процена на опциите за интервенции против стареењето.

- Постојат многу производи против стареење со различни степени на научна поддршка. Но, како ќе знаете дали некој производ навистина ќе ви го продолжи животот без да почекате 40 години? Што ако можете да ги измерите вашите шеми на метилација поврзани со стареењето пред, за време и по интервенцијата за да видите дали функционира - прашува професорот Треј Идекер.

Формулата открива нов епигенски часовник. Се состои од метода за утврдување на староста на клетка, ткиво или организам на основа на отчитување на епигенетиката. Ова не е првпат истражувачи да објават епигенски часовник за луѓе. Сепак, претходните верзии беа ограничени во тоа што беа точни само за индивидуалците врз кои биле развиени формулите. Формулата на Идекер се проверува на други луѓе и дури и на други видови.

Истражувачот истакнува дека се одлучил да ги истражува кучињата поради тоа што живеат со нас, па се изложени на слични средини. Исто така, тие добиваат речиси исто ниво на здравствена нега.

Идекер додава дека е важно подобро да го разбереме стареењето на животните бидејќи стариот неточен сооднос 1:7 за одредување на возраста на кучињата сè уште се користи од страна на ветеринарите.

Извор: Interesting Engineering
Насловна фотографија: Pixabay