Марија Грчева, најдобар студент на ФДУ со просек 9,8: „Се надевам дека ќе се снимаат повеќе филмови, серии, реклами и спотови во Македонија, со македонска продукција“

Марија Грчева, најдобар студент на ФДУ со просек 9,8: „Се надевам дека ќе се снимаат повеќе филмови, серии, реклами и спотови во Македонија, со македонска продукција“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Соработката со професорите и колегите на различни филмски и видеопроекти ме мотивираше секој следен проект да се обидам да биде што е можно подобар од претходниот. Откако ги добив првите високи оценки, стекнав репутација на факултетот како некој на кого другите можат да се потпрат за секоја работа. Тоа ме мотивираше да останам одлична до крај и да продолжам да соработувам со колегите и професорите за заеднички да создадеме квалитетни дела, вели Марија


Марија Грчева дипломира на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје со просек 9,8, на насоката за филмска и ТВ-монтажа. Таа се издвојува како еден од најуспешните академски дипломци и е добитничка на официјалното признание за најдобро дипломирани студенти на УКИМ.

- За мене, ова значи дека сите непроспиени ноќи и останувања до доцна на факултетот по часовите се исплателе и дека на некој начин е препознаена мојата посветеност кон тоа што сакам да го работам во иднина и кон тоа што го студирав. И во основно и во средно бев ученик со одличен успех, што мислам дека ми помогна да се потрудам да остварам највисок можен просек и на факултет и да го задржам тој стандард. Можам да кажам дека на некој начин веќе бев навикната максимално да се вложувам во учењето за време на студиите - сподели Грчева.



Голем дел од предметите на Факултетот за драмски уметности се практични

Одлучила да студира Филмска и ТВ-монтажа кога сфатила дека визуелните уметности се начинот на кој може да ги спои двете нејзини хобија - цртањето и пишувањето кратки приказни.

- Филмот, и генерално аудиовизуелните дела во сите нивни форми ме фасцинираа уште од мала, а нешто што отсекогаш најмногу сум го сакала е да можам да раскажам приказна и да го претставам човечкото искуство и душа преку слика. Голем дел од предметите на Факултетот за драмски уметности се практични, што значи дека не се трудев само да ја научам теоријата. Соработката со професорите и колегите на различни филмски и видеопроекти ме мотивираше секој следен проект да се обидам да биде што е можно подобар од претходниот. Откако ги добив првите високи оценки, стекнав репутација на факултетот како некој на кого другите можат да се потпрат за секоја работа. Тоа ме мотивираше да останам одлична до крај и да продолжам да соработувам со колегите и професорите за заеднички да создадеме квалитетни дела - вели Марија.

За да се оствари успехот, жртвата било дружењето со пријателите и блиските.

- Во периодите кога интензивно работев на некој филм или проект ќе ме снемаше по месец-два. Природно е на нашиот факултет да бидеме најмногу посветени на „главниот“ предмет, во мојот случај Филмска и ТВ-монтажа, но сепак мислам дека секој друг предмет ми помогна да се оформам како целосен автор и да постигнам успех и во главниот предмет, каде што испитните задачи се кратки филмови. Најмногу труд вложив во двата кратки филма по Филмска и ТВ-монтажа, сценариото за мојата дипломска работа, кое го пишував по изборниот предмет Основи на драматургија и, секако, во самата дипломска, која ја снимавме седум дена со екипа од 26 студенти и професионалци - ни изјави Марија.



Во идните проекти би учествувала како монтажер


Таа се надева дека ќе може да продолжи да работи на филм бидејќи раскажувањето приказни е тоа што најмногу ја привлече да се запише на овој факултет.
- Во идните проекти би учествувала како монтажер, но можеби и како режисер и сценарист, доколку повторно ми се укаже таква можност. Се надевам дека ќе се снимаат повеќе филмови, серии, реклами и спотови во Македонија, со македонска продукција, и дека на тој начин ќе им се овозможи на многу од сценаристите, глумците, режисерите, снимателите и монтажерите со кои студирав повторно да работат заедно на проекти што можеби ќе ја вратат Македонија на светската филмска мапа - вели Марија.

Таа смета дека самиот филмски отсек на Факултетот за драмски уметности треба да се надгради со насока за анимација и визуелни ефекти.

- Сметам дека тоа ни недостига во Македонија, а многу од луѓето кои моментално се занимаваат со оваа област студирале во странство или посетувале приватни курсеви. Мојот филм содржеше голем број визуелни ефекти и би било убаво доколку во иднина можеме да соработуваме со колеги со кои сме студирале - дополнува Марија.


Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.