Научничка, која чистела вселенски тоалет на пракса, денес води тимови за истражување на Марс

Научничка, која чистела вселенски тоалет на пракса, денес води тимови за истражување на Марс

Чистењето на вселенскиот тоалет за време на училишната пракса било првото запознавање на Клер Парфит со кариера надвор од Земјината орбита – и почеток на приказната која тогаш не можела ни да ја замисли.

Денес 42-годишната Парфит, со потекло од Нотингем, работи во Европската вселенска агенција (ЕСА), во Европскиот центар за вселенски истражувања и технологија во Холандија. Води тимови кои планираат идни човечки и роботски мисии на Марс и е претседателка на меѓународната работна група за истражување на Црвената Планета, пишува Би-би-си.

Нејзиниот пат во вселенската индустрија започнал по студиите по физика и докторатот по инженерство на енергетски системи на вселенски летала. Учествувала во проекти како што е мисијата Егзомарс Розалинд Френклин, која ќе ја истражува површината на Марс, како и во мисијата СМАЈЛ, која проучува како Сончевиот ветер влијае врз магнетосферата на Земјата.


Фото: принтскрин/фејсбук 

Клучниот момент се случил кога имала само 14 години и наместо посакуваната пракса во НАСА, завршила во Националниот вселенски центар во Лестер. Таму учествувала во подготовката на изложбите пред отворањето во 2001 година, вклучувајќи ги чистењето и конзервацијата на тогаш новиот „вселенски тоалет“.

-Тоа беше необично, но фасцинантно - се присетува Парфит, истакнувајќи како ја инспирирало тоа што гледала жени на водечки позиции во науката. Денес вели дека токму тој ран контакт со вселенската индустрија, заедно со поддршката од наставниците, ја одредил нејзината животна насока. -Вселенскиот центар беше неверојатно инспиративно место. Верувам дека ме насочи кон кариерата што ја имам денес - вели таа.

Парфит нагласува дека Марс е „исклучително важна научна област“, а претстојната мисија Егзомарс 2028 ќе биде клучна за идните истражувања. Таа предупредува дека подготовките за човечките мисии бараат децениско планирање и внимателно зачувување на податоците и на животната средина на планетата.

-Мораме внимателно да ги планираме идните мисии за да ги добиеме најдобрите научни резултати и да го подготвиме човечкото истражување на Марс - вели таа.

Извор: vecernji
Фото: magnific