Од канализација до капалиште: Како реката Сена стана летна атракција на Париз

Од канализација до капалиште: Како реката Сена стана летна атракција на Париз

Ако ова лето патувате во Париз, на списокот со нешта што вреди да се пробаат можеби можете да го додадете и капењето во Сена.

Реката која со децении важеше за премногу загадена и опасна за пливање сега станува едно од најинтересните летни места во француската престолнина. По големите горештини што го погодија Париз, отворањето на уредените капалишта на Сена дојде во вистински час.

Париз на крајот на јуни забележа еден од најтоплите денови во својата историја, со температури над 40 Целзиусови степени. Во такви услови, трите јавни капалишта по должината на Сена би можеле да станат нова летна атракција и за парижаните и за туристите.

Од сабота на граѓаните и на посетителите повторно им е овозможено да се капат во реката, втора сезона по ред. Со тоа се продолжува обновата на традицијата која беше прекината повеќе од еден век.

Капењето во Сена има долга и необична историја. Уште во 17 век парижаните се разладувале во реката, често без посебни правила и уредени простори. Подоцна се појавиле пловечки капалишта, а во 19 век капењето станало и општествен и спортски настан. Едно од најпознатите места, Писин Делињи, било толку популарно што било домаќин и на пливачките натпревари за време на Олимписките игри во 1900 година.

Златната доба на капењето во Сена почнала да исчезнува на почетокот на 20 век. Поради давења, несреќи и сè погустиот речен сообраќај, француските власти во 1923 година вовеле целосна забрана за пливање.

Меѓутоа, вистинскиот проблем не била само забраната, туку загадувањето. Во текот на втората половина на 20 век квалитетот на водата драстично опаднал. До седумдесеттите години Сена станала речиси мртва река: голем дел од отпадните води завршувале директно во неа, а бројот на видови риба се свел на само неколку од најотпорните.

Сериозните обиди за закрепнување започнале во осумдесеттите години. Тогашниот градоначалник на Париз, Жак Ширак, ветил дека како доказ дека реката е исчистена, и самиот ќе се искапе во Сена. Тоа никогаш не се случило, а ветувањето со години останало предмет на шеги.

Пресвртот дојде многу подоцна, во пресрет на Олимписките игри во Париз во 2024 година. Градот започна огромен проект за чистење вреден повеќе од милијарда евра. Модернизиран е системот за отпадни води, илјадници куќи покрај реката се приклучени на канализациската мрежа, а изграден е и голем подземен базен кај станицата Аустерлиц, кој може да прими огромни количини дождовница и да спречи излевање на канализацијата во реката при силни поројни дождови.

Тој систем требаше да овозможи одржување на олимписките пливачки дисциплини во Сена. Иако за време на Игрите се појавуваа сомнежи за квалитетот на водата, симболичката пречка беше пробиена: Сена се врати како место за капење.

Првата модерна јавна сезона за капење се одржа во 2025 година, кога околу 100.000 луѓе ја искористија можноста да запливаат во реката.

Оваа година Париз нуди три бесплатни јавни капалишта. Како и на плажите, се користи систем со знаменца: зеленото значи дека капењето е дозволено, жолтото предупредува на претпазливост поради струите или времето, а црвеното значи забрана за капење поради лошиот квалитет на водата или временските услови.

Градот секојдневно ја тестира водата, особено за траги од фекално загадување и бактеријата ешерихија коли. Ако резултатите не се добри, капалиштата се затвораат на ден или два, додека реката природно не се прочисти.

Дали скапиот проект за чистење беше оправдан, сè уште е тема на расправа меѓу парижаните. Но, со новите топлотни бранови и сè потоплите лета, Сена би можела да стане многу повеќе од симбол на градот – би можела да стане неговото најпосакувано место за разладување.

Извор: бука
Фото: magnific