Пензија дури на 74 години: Еве до кога ќе треба да работат Европејците

Пензија дури на 74 години: Еве до кога ќе треба да работат Европејците

Старосната граница за заминување во пензија во Европската Унија до крајот на 2060-тите ќе порасне од 64,7 на 66,7 години за мажи, односно од 64 на 66,6 години за жени.

Се очекува дека околу две третини од европските земји ќе ја зголемат старосната граница за пензионирање на мажите, додека тоа ќе го сторат три четвртини од земјите кога станува збор за жените.

Според анализата на „Еуроњуз“, која опфаќа податоци за 32 земји, мажите подоцна ќе одат во пензија во 21 земја, а жените во 24 од нив.

На ниво на ЕУ, законската старосна граница за заминување во пензија би требало да порасне за околу 2 години за мажите и 2,6 години за жените, покажува извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) наречен „Пеншнс ет а гленс 2025“.

Споредбата се однесува на лица кои заминале во пензија во 2024 година и оние кои истата година, со наполнети 22 години, влегле на пазарот на труд, со претпоставка за непрекинат работен стаж. Таа генерација, по правило, ќе оди во пензија кон крајот на 2060-тите.

- Зголемувањето на старосната граница за заминување во пензија и понатаму е вообичаена стратегија за подобрување на финансиската одржливост на пензиските системи без намалување на висината на пензиите. Алтернативно, финансиската одржливост може да се постигне со зголемување на придонесите или со намалување на пензиските давачки - се наведува во извештајот.

penzija
Фото: Euronews

Во Турција мажите се пензионираат на 52 години, а во Норвешка на 67

Според податоците на ОЕЦД за 2024 година, највисока старосна граница за заминување на мажите во пензија имаат Данска, Норвешка, Исланд и Холандија - 67 години. Просекот на Европската Унија изнесува 64,7 години.

Турција е изразит исклучок, со старосна граница од само 52 години. Следуваат Грција, Словенија и Луксембург, каде што мажите одат во пензија со 62 години.

Меѓу петте најголеми европски економии, Германија има највисока старосна граница за заминување на мажите во пензија - 66,2 години, додека најниска е во Франција, 64,3 години.

Во кои земји мажите ќе работат до 70. година или подолго?

На ниво на ЕУ, мажите кои во 2024 година со 22 години влегле на пазарот на труд во просек ќе одат во пензија со 66,7 години, односно околу 2069 година.

Данска ќе ја има највисоката старосна граница за заминување на мажите во пензија, дури 74 години.

До крајот на 2060-тите границата ќе достигне 71 година во Естонија, а 70 години во Италија, Холандија, Шведска и на Кипар. Најниска старосна граница за заминување на мажите во пензија ќе биде 62 години во Словенија и Луксембург.

Меѓу најголемите европски економии, мажите во Италија ќе одат во пензија најдоцна, со 70 години. Следуваат Обединетото Кралство со 68 и Германија со 67 години. Во Франција и Шпанија мажите ќе одат во пензија со 65 години.

Во Турција најголемо зголемување на старосната граница

Мажите во Турција ќе се соочат со најголемо зголемување на старосната граница за заминување во пензија - дури 13 години, од 52 на 65 години. Во Данска границата ќе се зголеми за 7 години, а следуваат Естонија, Италија, Словачка и Кипар, каде што зголемувањето ќе изнесува најмалку 5 години. Во Шведска мажите ќе работат 4 години подолго, до 70. година од животот, а во Грција до 66. година.

Во Холандија старосната граница ќе се зголеми за 3 години, на 70 години, а во Финска на 68 години.

Зголемување од најмалку две години се очекува и во Португалија и Обединетото Кралство, каде што границата ќе достигне 68 години, како и во Чешка, Романија и Белгија, каде што ќе изнесува 67 години.

Во Германија и Франција старосната граница за заминување на мажите во пензија ќе се зголеми за помалку од 1 година, додека во неколку други земји ќе остане непроменета.

Во Данска и жените ќе одат во пензија со 74 години?

Кај жените денес највисока старосна граница за заминување во пензија - 67 години имаат Данска, Холандија, Исланд и Норвешка. Просекот на Европската Унија изнесува 64 години.

Турција има убедливо најниска старосна граница за заминување на жените во пензија - 49 години, а следува Полска со 60 години.

На ниво на ЕУ, жените кои во 2024 година со 22 години влегле на пазарот на труд во просек ќе одат во пензија со 66,6 години, односно 2,6 години подоцна од жените кои се пензионирале во 2024 година.

Како и кај мажите, Данска ќе ја има највисоката старосна граница за заминување на жените во пензија, 74 години. Во Естонија таа ќе достигне 71 година, а во Италија 70 години. Жените во Холандија, Шведска и на Кипар исто така ќе работат до 70. година.

Во ЕУ, Полска и кон крајот на 2060-тите ќе ја задржи најниската старосна граница за заминување на жените во пензија, 60 години.

Меѓу најголемите европски економии, жените во Италија ќе одат во пензија со 70 години, во Обединетото Кралство со 68, во Германија со 67, а во Франција и Шпанија со 65 години.

2
Фото: Euronews

Најголемо зголемување на старосната граница за пензија: од 49 на 63 години

Бидејќи Турција денес има исклучително ниска старосна граница за заминување на жените во пензија, токму таму ќе биде забележан најголемиот раст, дури 14 години, од 49 на 63 години.

Во Италија старосната граница за заминување на жените во пензија ќе се зголеми за 6,2 години, а во Данска за 7 години.

Зголемување од најмалку четири години се очекува и во Естонија (6,3 години), Словачка (5,8 години), на Кипар (пет години), во Романија (4,8 години), Австрија (4,5 години), како и во Шведска и Грција (четири години).

Во Шпанија старосната граница за заминување на жените во пензија ќе остане 65 години. Германија и Франција ќе забележат зголемување помало од една година, додека во Обединетото Кралство тоа ќе изнесува две години.

Стареењето на населението сè повеќе ги оптоварува пензиските системи

Во одделни земји промените во очекуваниот животен век ќе влијаат врз старосната граница за заминување во пензија. На пример, Данска би можела да ја ублажи сегашната директна поврзаност меѓу старосната граница за пензионирање и очекуваниот животен век.

Во тој случај, се наведува во извештајот, проектираната старосна граница за заминување во пензија би била пониска од 74 години.

Извештајот предупредува дека населението во земјите на ОЕЦД во наредните 25 години забрзано ќе старее. На секои 100 лица на возраст од 20 до 64 години, бројот на лица постари од 65 години ќе порасне од 33 во 2025 година на 52 во 2050 година. За споредба, во 2000 година тој број изнесувал 22.

Извор: Nova.rs
Фото: Euronews