Студенти од Факултетот за безбедност – Скопје учествуваа на меѓународната БИП програма „Libori Summer School 2026“
Студенти од Факултетот за безбедност – Скопје успешно го претставија УКЛО на меѓународната БИП програма (Blended Intensive Programme) - „Libori Summer School 2026“ во Падерборн, Германија. Марија Јошеска oд четврта година, Едо Хусковиќ, трета, заедно со Садије Асанова, магистрантка, сите од студиската програма – Криминалистика, од 26 до 31 јули 2026 година остварија забележително меѓународно претставување на Факултетот и Универзитетот.
На „Libori Summer School 2026“, што се реализираше во рамките на истражувачкиот простор на програмата Еразмус+ и Алијансата КОЛОРС, студенти од повеќе држави се претставија со свои презентации под менторство на нивните професори. Тимот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола на оваа летна школа покрај студентите го претставуваше и проректорката, проф. д-р Светлана Николоска, во улога на ментор. Значаен придонес за нивното учество даде и проф. д-р Марина Малиш Саздовска, која учествуваше во подготовката на апстрактот врз основа на кој студентите успешно аплицираа, а нивната презентација беше прифатена за учество на оваа престижна меѓународна летна школа.
Презентирајќи ги темите „Еколошка етика“ и „Еколошки феминизам“, претставниците од УКЛО отворија прашања за одговорноста кон животната средина, етичките принципи и улогата на современото општество во одржливиот развој. Истакнати се актуелни пристапи што придонесуваат за поодговорен однос кон природата, зачувување на животната средина и поефикасно справување со еколошките предизвици. Притоа, нагласено е дека родовата и општествената еднаквост претставуваат значајни принципи за постигнување одржлив развој и успешно справување со глобалните еколошки проблеми.
За позитивните впечатоци од учеството во меѓународната БИП програма „Libori Summer School 2026“ студентите со задоволство споделуваат дел од искуствата и упатија искрена благодарност до двете професорки за нивната посветеност, стручна поддршка и придонес за успешното претставување на Факултетот и Универзитетот.
Садије Асанова - Летната школа на Универзитетот во Падерборн претставуваше непроценливо искуство, преку кое со гордост го претставивме нашиот Факултет на меѓународно ниво. Стекнатите знаења, новите искуства и меѓународната соработка ќе бидат силна мотивација за нашиот понатамошен академски и професионален развој.
Едо Хусковиќ - Горди што бевме амбасадори на знаењето, соработката и академската извонредност. Падерборн ни донесе нови пријателства, нови перспективи и уште поголема мотивација за иднината.
Марија Јошеска - Како студентка од четврта година додипломски студии, ми беше чест да бидам дел од Либори летната школа во Падерборн. За време на летната школа имав можност јавно да ги презентирам моите ставови, да учествувам во најразлични дискусии и да разменувам мислења за темите кои што се обработуваа. Комуникацијата со студенти и професори од различни европски универзитети ми овозможи да слушнам различни перспективи, да развијам критичко размислување и да ги унапредам моите комуникациски и .а вештини. За мене ова беше едно едно одлично искуство кое би им го препорачала на студентите да го искусат за време на нивните студии.
Инаку, БИП програмата (Blended Intensive Programme) им овозможува на студентите да стекнат меѓународно академско искуство, да ги унапредат своите професионални и интеркултурни вештини и да стекнат кредити кои се признаваат во рамките на нивните студии.
Воедно, учеството во ваквите програми придонесува и за зајакнување на институционалната соработка, при што проректорката Светлана Николоска оствари значајни контакти со колеги од други универзитети, како и со колегите организатори од Универзитетот во Падерборн, отворајќи можности за идни академски партнерства и заеднички активности.
(Комерцијална објава)