Наскоро вакцина против акни

Наскоро вакцина против акни

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Без оглед дали станува збор за тинејџери или за возрасни луѓе, акните го намалуваат квалитетот на живот, но според резултатите од најновото истражување на научниците од Универзитетот во Калифорнија, на тоа би можело да му се стави крај.

Експериментите спроведени врз лабораториски глувци откриле дека со помош на специфични антитела можно е да се намали присуството на CAMP, токсичен протеин што потекнува од воспалителните процеси поврзани со појава на акните, велат научниците.

Тие објаснуваат дека САМР се појавува поради присуството на бактеријата Cutibacterium acnes.

akni
Фото: Pixabay


Научниците велат дека целта не им била да создадат вакцина што ќе дејствува на споменатата бактерија бидејќи таа не е секогаш штетна, туку да создадат антитела за токсичниот протеин што бактеријата го лачи на кожата, а најчесто резултира со развивање на акни.

- Моментално во лекувањето на тешките случаи на воспалени акни дерматолозите користат третмани што го регулираат присуството на некои хормони, но тие може да имаат негативни контраефекти, а за некои пациенти се целосно неефикасни - вели лидерот на истражувањето, Чун-Минг Хуанг, додавајќи дека акните се појавуваат кај 85 отсто од адолесцентите.

Тој објасни дека третманот ќе се применува како имунотерапија и со тоа ќе се настојува акните да се излекуваат во внатрешноста на организмот наместо со антибиотици, хормонски третмани или прилично агресивни таблети.

Следниот чекор е клиничко испитување на луѓето и потврда дека вакцината нема контраефекти.