Парталави учебници или никакви – тоа е изборот за почетокот на школската година

Парталави учебници или никакви – тоа е изборот за почетокот на школската година

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Се случува учебник од 2017 година, кој го користел само еден ученик, да биде вратен речиси неупотреблив, многу ретко некој ги чува учебниците и ги враќа во добра состојба. Некои родители ги мрзи да ги залепат и со селотејп, велат од комисиите за учебници

Парталави учебници, без корици, работни тетратки пополнети од претходната генерација, некаде нема ниту стари. Вака ја почнаа децата во основно и во средно училиште новата учебна година. Благо разочарани ученици, а многу изнервирани родители е впечатокот што се добива од првите неколку дена од новата учебна година.

Како топло лепче се чекаат новите учебници по 22 предмети што Министерството за образование ги најавува за оваа учебна година. Засега, децата ќе мора да учат од стари, парталави и делумно пополнети учебници. Но, во некои училишта вчера стигнаа и сосема нови учебници.


Наставниците и училиштата ја смируваат топката со тоа дека децата ќе добијат учебници, дека треба да се стрпат, само никој не знае кога ќе се случи тоа и дали ќе бидат заменети сите учебници што поскоро треба да одат во канта за рециклирање отколку во ученичките ранци.

- Ќерка ми си дојде со учебници за 80 отсто од предметите што ги изучуваат. Од нив речиси секој учебник е парталав, испокинат, пополнет. Детето целосно ми се разочара. Најдобро е да се врати стариот начин на снабдување на учебници, да си ги купуваат родителите, а државата ако сака да субвенционира, нека повели. Ова не личи на ништо. Им ја уништивме радоста на децата на почетокот на новата учебна година – вели мајка на девојче што учи во скопско училиште.


Од Министерството за образование и наука објаснуваат дека секое училиште си има своја комисија што го проверува квалитетот на учебниците на крајот на секоја школска година.

- Таа комисија треба да направи процена во каква состојба децата ги враќаат учебниците. Доколку комисијата процени дека учебниците се многу оштетени, треба да му одреди на родителот колку да плати надоместок, кој вообичаено е 80 отсто од вредноста на учебникот.


Од училиштата велат дека состојбата на учебниците е лоша, а тоа се должи и на лошото чување и немањето однос кон книгите и кон тоа што е бесплатно.

- Се случува учебник од 2017 година ученик да го врати речиси неупотреблив, многу ретко некој ги чува учебниците и ги враќа во добра состојба. Родителите ги мрзи и да ги залепат со селотејп – велат од основно училиште во Тетово.