Трикови за полесно да го запаметите наученото

Трикови за полесно да го запаметите наученото

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Без разлика колку мислите дека сте паметни, големи се шансите понекогаш да не можете да искористите максимум од вашата меморија. Серија анкети покажаа дека повеќето ученици не успеваат да ги искористат докажаните методи за ефективно учење.
Еден од проблемите е тоа што честопати добиваме конфликтни информации од родителите, наставниците и научниците, така што имаме дилема што функционира, а што не.

За среќа, новото истражување објавено во едно од врвните списанија за психологија ги испитало најголемите заблуди, петте најпопуларни стратегии на учење, нивните потенцијални замки и начините на кои може ефикасно да се користат.

ucenje

Стратегија 1: Повторно читање

Учите нов вокабулар? Најчестата стратегија е да ги читате зборовите и нивното значење додека не ги запомните. За жал, научниците веруваат дека ова е премногу пасивно, што значи дека повеќето од информациите не оставаат впечаток.

Совет за тоа како да го извлечете максимумот: Интервали меѓу читањето


Пасивното читање веројатно е најмалку ефективна метода за учење, но некогаш е неизбежна ако не ги разбирате концептите. Но, можете подобро да ги користите овие сесии така што ќе се навратите на материјалот во редовни интервали. Прочитајте поглавје, па направете некоја друга активност. Потоа повторно прочитајте го поглавјето по еден час, еден ден или една недела за да ѝ помогнете на меморијата да биде стимулирана. Можете да имате корист од преиспитувањето на вашето разбирање пред да се вратите на материјалот, што ви помага да го приспособите вашето внимание.

Стратегија 2: Подвлекување и истакнување

Исто како и повторното читање, и оваа техника на учење е сеприсутна. Идејата има смисла: процесот на подвлекување клучни зборови и фрази треба да ви помогне да се вклучите повеќе во информациите и на тој начин подоцна полесно ќе ги идентификувате најважните пасуси. Иако е поефективно од пасивното читање, подвлекувањето и истакнувањето често не функционира, а повеќето ученици го подвлекуваат секој параграф.

Совет за тоа како да го извлечете максимумот: Паузирајте за да размислите

Научниците сугерираат да го прочитате текстот еднаш, а потоа да ги означете соодветните пасуси со второто читање. Со тоа што ќе се присилите да размислите внимателно за секоја точка, настанува поактивна обработка која е од суштинско значење за формирање посилни спомени.

Стратегија 3: Фаќање белешки


Голем број студенти ги копираат белешките од нивните колеги што ги пишувале за време на предавањата. Како и подвлекувањето, проблемите доаѓаат кога нема да изберете кој материјал е најважен затоа што вклучувате сѐ што е споменато во белешките.

Совет за тоа како да го извлечете максимумот: Експериментите покажуваат дека колку помалку зборови користат студентите во фаќањето белешки, толку е поголема веројатноста да ги запомнат. Тоа настанува затоа што создавате резимеа и парафразирањето ве тера да размислувате длабоко во врска со новите идеи што се обидувате да ги изразите.

Стратегија 4: Самопроверка и учење напамет


Самопроверката сега се смета за најсигурна стратегија за учење, особено за конкретни, детални факти со значителен доказ дека може да ја зголеми меморијата. Дури и да е така, постојат поефективни начини за запомнување.

Совет за тоа како да го извлечете максимумот: Преголемата самодоверба не е добра


Повеќето луѓе веруваат дека нивните одлуки се попаметни отколку што навистина се - тука спаѓа и мислењето дека добро научиле. Истражувањата покажуваат дека колку посамоуверено се чувствуваат луѓето за нивното учење, толку е помала веројатноста подоцна да се сетат на она што го учеле. Сите потценуваме колку лесно го забораваме материјалот во иднина.