Проф. Кирил Барбареев, координатор на програмата на „Бибиверзум“: „Децата се учителите на следната генерација“

Проф. Кирил Барбареев, координатор на програмата на „Бибиверзум“: „Децата се учителите на следната генерација“

Почитувани родители, ништо не е поважно за еден човек од тоа да биде сигурен дека неговите деца ќе продолжат по правилниот пат и дека ќе им биде добро, пријатно и безбедно во светот.

Нашата мисија како образовен центар е промовирање на вредностите и препознавање на вистинските потреби на децата, да учиме како да живееме добро, а ќе се обидеме да покажеме и да дадеме пример дека е потребно сериозно да се инвестира во образованието, особено во наставничката професија, која е заедничка точка на најдобрите образовни системи. Нашето мото е „ ДЕЦАТА СЕ УЧИТЕЛИТЕ НА СЛЕДНАТА ГЕНЕРАЦИЈА“.

Ова место ја артикулира визијата за тоа какво образование му е потребно на детето и како тоа да го направиме преку разновидниот пристап и богатството на образовните ресурси. Ќе се обидеме децата да влезат и во светот на имагинацијата и во светот на реалноста, обезбедувајќи им практични алатки потребни за нивниот сопствен раст и развој, креирајќи атмосфера на можности.

Трпението, разбирањето, природниот авторитет, духовитоста, фантазијата и почитувањето на детето се особините на нашите наставници. Нашата цел е да ги учиме децата како да мислат, а не што да мислат; да истражуваат; да се сомневаат; да прашуваат; да комуницираат; да прават грешки и да учат од сопствените грешки; и најважното - да им биде убаво и забавно додека учат и престојуваат во „Бибиверзумот“.

Искрено се надеваме дека барем малку ќе придонесеме децата да ги откријат сопствените потенцијали и да ги всадиме доблестите, особено: праведноста, мудроста, умереноста, храброста, трпението, самодисциплината, емпатичноста, истрајноста, чесноста. Тоа се длабоките хуманистички вредности што се основа на сè во животот.

Започнува нов образовен модел „Бибиверзум“

Професор Кирил Барбареев
Координатор на програмата на „Бибиверзум“