Нов Зеланд повторно го победи вирусот

Нов Зеланд повторно го победи вирусот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Окланд оваа недела ќе му се придружи на остатокот на Нов Зеланд, без никакви ограничувања откако епидемијата во градот беше ставена под контрола, објави премиерката Џасинда Ардерн.

Вториот бран на Ковид-19 што почна во август во најнаселениот град на Нов Зеланд донесе плус 179 случаи. Претходно Нов Зеланд помина 102 дена без заразени луѓе пред Ковид-19 повторно да се појави во Окланд, па поради тоа властите воведоа делумен карантин. Маските беа задолжителни во јавниот превоз во Нов Зеланд и беше засилено следењето на контактите.

Минатиот петок Џасинда Ардерн ги сподели со јавноста бројките од истражувачкиот центар „Те Пунаха Мататини“, кои покажаа дека постојат 95 отсто шанси Ковид-19 да биде елиминиран од заедницата.

Како резултат на тоа, ограничувањата во Окланд беа укинати во средата. Сепак, Ардерн ги повика жителите на Нов Зеланд да бидат внимателни. Таа вети дека ќе ги задржи стапките на тестирање.

- Жителите на Окланд и Нов Зеланд се држеа до планот, па ние двапати го победивме вирусот - додаде Ардерн.

Извор: Axios.com
Фото: Screenshot/YouTube