Богатството носи ново богатство - тоа го покажува Елис Волтон, единствената жена што има над 100 милијарди долари

Богатството носи ново богатство - тоа го покажува Елис Волтон, единствената жена што има над 100 милијарди долари

Елис Волтон повторно е најбогатата Американка на годишната листа „Форбс 400“ - четврта година по ред и дури 11. пат во последните 12 години.

Единствената ќерка на основачот на „Волмарт“, Сем Волтон (починат во 1992 година), годинава е побогата за 12 милијарди долари, откако акциите на малопродажниот гигант пораснаа за 10 проценти. Тие беа поддржани од растот на е-трговијата и членството, како и од проширувањето на услугата за ултрабрза достава. Волтон така дополнително ја зголемува предноста во однос на втората најбогата Американка, наследничката на компанијата „Кок Индастрис“, Јулија Кок. Нејзиното богатство во изминатата година порасна за 3,4 милијарди долари. Сепак, таа сега има 33,4 милијарди долари помалку од Волтон, додека разликата пред една година изнесуваше 24,8 милијарди долари.

Севкупно, Волтон (76) се наоѓа на 13. место меѓу најбогатите Американци, веднаш зад нејзините браќа Роб Волтон (проценето богатство: 132 милијарди долари) и Џим Волтон (128 милијарди долари).

Браќата и сестрата, заедно со двајцата наследници на нивниот брат Џон Волтон (починат во 2005 година) и добротворните фондови основани во негово име, поседуваат 44 проценти удел во „Волмарт“.

Роб Волтон во 2024 година се повлече од одборот на директори на „Волмарт“, по повеќе од четири децении минати во одборот. Беше повеќе од 20 години на функцијата претседател. Џим Волтон и понатаму е претседател на семејната банкарска групација „Арвест бенк груп“, која располага со имот од 26 милијарди долари.

Уметност наместо бизнис

Патот на Елис Волтон до статусот на најбогата Американка започна во 1953 година, кога нејзиниот татко, сопственик на продавница, промислено пренесе 80 проценти од својот сопственички удел во семејната холдинг-компанија на своите деца. Девет години пред да го отвори првиот „Волмарт“. Со тоа избегна огромен иден данок на наследство.

Елис во 1971 година дипломира деловна администрација на Универзитетот „Тринити“ во Тексас. Кратко работеше во „Волмарт“ во набавка на детска облека, но подоцна целосно ѝ се посвети на уметноста и нејзиното претставување.

Десет години беше на чело на семејниот музеј на американска уметност „Кристал Бриџиз“ во нивниот роден град Бентонвил во Арканзас. Од таа функција се повлече во 2021 година.

Постојаната поставка на музејот е фокусирана на американската уметност од изминатите пет века. Меѓу значајните дела се наоѓаат „Рози заварувачката“ на Норман Роквел, „Зградата Радијатор — ноќ, Њујорк“ на Џорџија О'Киф и портретот на Џорџ Вашингтон од 1797 година, чиј автор е Гилберт Стјуарт.

Волтон се смета за основачка на музејот, иако речиси сите 1,6 милијарди долари, колку што беа потребни за неговото отворање во 2011 година, дојдоа од фондовите основани во име на нејзиниот покоен брат Џон и мајката Хелен Волтон (почината во 2007 година).

Богатство и филантропија


Како што вредноста на акциите на „Волмарт“ силно растеше, семејството постепено продаваше или подаруваше акции вредни десетици милијарди долари за да го задржи својот сопственички удел под 50 проценти, и покрај огромните откупи на сопствени акции што ги спроведуваше малопродажниот гигант.

Волтон дел од своите приходи го насочи кон сопствената филантропија, која во текот на изминатата деценија значително ја интензивира. Вложи повеќе од шест милијарди долари во пет семејни добротворни фондации. До 2024 година, според процените, тие дистрибуираа повеќе од две милијарди долари од нејзините средства. Тоа е годината за која се достапни најновите даночни пријави на семејните непрофитни организации.

Преку својата фондација „Арт Бриџиз“, Волтон потроши повеќе од 500 милиони долари за купување и отстапување уметнички дела од американската уметност за повеќе од 400 музеи во САД.

Исто така, донира најмалку 250 милиони долари за Медицинскиот факултет „Елис Волтон“ во Бентонвил. Училиштето во 2025 година ја прими првата генерација од 48 студенти на четиригодишната програма за стекнување диплома доктор по медицина.

Истата година, Елис Волтон и другите членови на семејството објавија дека ќе изградат нов СТЕМ универзитет на местото на некогашното седиште на „Волмарт“ во градот. Планирано е универзитетот да ја прими првата генерација студенти во 2029 година.

Извор: forbes