Емпатија или чувство што се покажува
Чувството на емпатија или разбирање и споделување на чувствата на другите е чувство кое денес недостига не само кај учениците, туку воопшто кај луѓето. Ретко да сретнеме луѓе кои сочувствуваат со другите и им помагаат, односно ги охрабруваат да ги препознаваат проблемите на другите, поттикнувајќи чувство на солидарност и морална одговорност. Постојат многу начини како да се покаже ова многу важно чувство, на пример, преку одредени волонтерски акции со различни групи во заедницата, потоа преку ангажирање во проекти кои поддржуваат маргинализирани или обесправени поединци или конкретно емпатија и сочувство може да се развијат кај учениците преку интеракција со постарите жители во дом за нега на стари лица, што ќе обезбеди да се сослушаат нивните искуства, или доста актуелна е инклузивноста каде што сите, без оглед на нивното потекло, идентитет или способности, се чувствуваат почитувани и ценети.
Прифаќањето на инклузивноста и различноста обезбедува сите ученици да имаат еднакви можности за учество и придонес, промовира меѓусебна поддршка, почитување и разбирање меѓу учениците, а исто така ги подобрува социјалните вештини на учениците и ги проширува нивните перспективи. Има доста начини како да се биде емпатичен во секојдневниот живот. Потребна е минимална добра волја, широко срце и многу љубов за да се покаже емпатија наместо да гледаме секојдневни недолични сцени и однесувања...
Неколку совети и пораки до учениците кои зачестено им ги повторувам:
-сакајте се, почитувајте се и меѓусебно помагајте си;
- користете културни и долични изрази кога комуницирате;
- смејте се, бидете позитивни и свои, мислете со своја глава;
- не завидувајте никому, туку бидете задоволни со тоа што го имате;
- не бидете нервозни и агресивни, туку смирени и со убав збор да се разбирате;
- делете ги обврските што ги добивате на школо, на тој начин сте другарчиња;
- читајте книги, запознавајте го светот на убавата белетристика;
- паметно и со конкретни цели користете ги социјалните мрежи и медиуми;
- оставајте позитивни впечатоци и дома, и надвор, и на школо, и секаде...
Како наставник, сметам дека чувството на емпатија е доста запоставено и невлијателно во денешните услови на живеење и опкружување, па се трудам на внимателен и разбирлив начин да ги потсетувам моите ученици, кои се најзасегнати од ова чувство што ретко го имаат. Ако не се научат од најмала возраст да бидат од корист и помош на заедницата, тогаш ќе посегнуваат по лоши дела и влијанија за кои мислам дека воопшто нема да им бидат од корист. Ако не ги потсетуваме децата да шират чувство на емпатија, тогаш не сме постигнале ништо да им помогнеме да станат подобри личности. Ниту предавања, ниту какви било совети нема да помогнат ако дома и на школо не се реагира континуирано и соодветно. Денешните деца живеат во друг свет, многу поразличен од светот некогаш, а тоа си го прави брзиот начин на живот и развојот на технологијата, а со тоа и социјалните мрежи кои секојдневно се развиваат во нови изданија и предизвици. Не случајно може да забележиме ученици кои со пенкало се цртаат по рацете или така од дома доаѓаат на школо, тотално незаинтересирани, без волја за час, што значи некои нови интернет-трикови се во прашање кои се трудат да ги копираат, потоа имаме т.н. тик-ток предизвици кои се практикуваат на некаков начин и којзнае уште што... Сето тоа е како сунѓер кај децата, па тешко е да се одвикнат и да сфатат дека така не е во ред и не треба да следат и практикуваат такви работи. Тоа се сфаќа како модерен тренд. Токму тоа е причината што немаат волја за книга, другарство и школо, а камоли да се покаже чувството на одговорност и емпатија. За жал, таква ни е реалноста што секојдневно ја гледаме.
На крај ќе завршам со позитивна мисла како и секогаш, а посебно се обраќам со апел до учениците затоа што тие се иднината: бидете добри како деца и како личности, покажувајте го чувството на емпатија затоа што не е воопшто тешко, почитувајте ги претпоставените и повозрасните од вас и бидете културен пример за тоа како треба да се гради свет без насилство и жртви. Колку и да изгледа тешко, сепак е возможно. Недостига љубов, а со неа радост и сите позитивни чувства. Верувам во добрите дела и знам дека промени можат да се случат. Па, ајде да покажете дека е навистина така!
Автор: професор Александар Адамовски