FNITS 2026 во Велес: Науката, иновациите и одржливоста во фокусот на Втората меѓународна научна конференција
На 29 и 30 септември 2026 година, во организација на Технолошко-техничкиот факултет – Велес при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, успешно се одржа Втората меѓународна научна конференција од областа на науката за храна, нутриционизмот, иновативните технологии и одржливоста – FNITS 2026.
Конференцијата се реализираше во хибриден формат, со физичко присуство на Факултетот во Велес и онлајн учество, овозможувајќи вклучување на домашни и странски истражувачи, експерти и професионалци од повеќе научни области.
Свеченото отворање започна со изведба на химната од страна на хорот и оркестарот на СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес, по што следеа поздравни обраќања од деканот на Технолошко-техничкиот факултет – Велес, вонр. проф. д-р Везирка Јанкулоска, продеканот за наука и меѓународна соработка, проф. д-р Весна Книхтс, и ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Игор Неделковски.
Во рамките на свечениот дел беа доделени благодарници на институции и поединци за нивната соработка, поддршка и придонес кон развојот и афирмацијата на Технолошко-техничкиот факултет – Велес. Благодарници им беа доделени на Општина Велес и градоначалникот Марко Колев, како и на компанијата АГРИА и Марија Колевска, за обезбедувањето уписни стипендии за новозапишаните студенти и поддршката на младите. Благодарници беа доделени и на ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Игор Неделковски, Ветеринарниот факултет – Битола и деканот проф. д-р Панче Дамевски, како и на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и деканот проф. д-р Емилија Арсов, како признание за соработката и институционалната поддршка.
Во рамките на конференцијата беше претставен и научноистражувачкиот проект „Математички модели во машинско учење за паметно земјоделство и храна со поголема додадена вредност“, од главниот истражувач проф. д-р Весна Книхтс, финансиран од Министерството за образование и наука.
Значаен дел од програмата беше и официјалното претставување на Здружението на нутриционисти „Нутри Про“. Здружението претставува професионална платформа оформена од дипломирани нутриционисти, магистри и доктори на науки, со цел афирмација и унапредување на нутриционизмот, стручно вмрежување, поддршка на младите кадри и подигнување на свеста за значењето на правилната и балансирана исхрана.
FNITS 2026 опфати 50 научни презентации распоредени во четири научни сесии, со учество на повеќе од 100 автори, меѓународен научен одбор составен од претставници од 11 држави, како и истражувачи од бројни домашни и странски универзитети и научни институции.
Научната програма опфати широк спектар современи теми, меѓу кои зелени технологии за екстракција и валоризација на нуспроизводи, правни и терминолошки аспекти на производите со јадливи инсекти, нова храна, функционални млечни производи, дигитални системи во млечното производство, одржливи композитни материјали, нутритивни навики, витамини и минерали и нивното влијание врз здравјето, клиничка исхрана и диететика, персонализирана исхрана, нутригеномика, примената на вештачката интелигенција во анализата на прехранбените навики, безбедност на храна, традиционални производи, спортска исхрана и јавно здравје.
Презентациите и дискусиите овозможија размена на научни сознанија, искуства и идеи, како и воспоставување нови контакти и можности за понатамошна професионална и научна соработка меѓу учесниците.
Конференцијата заврши со доделување сертификати на учесниците и со заедничка порака за продолжување на научната соработка и следење на современите истражувачки текови во областа на храната, нутриционизмот, иновативните технологии и одржливоста.
Со успешната реализација на FNITS 2026, Технолошко-техничкиот факултет – Велес ја потврди својата определба за развој на науката, унапредување на академската и стручната соработка и создавање средина за размена на знаења, идеи и современи научни достигнувања.
(Комерцијална објава)