Голем интерес за упис во новото полициско училиште: Се планираа 200, но се примија 310 ученици кои ги поминаа фазите на селекција

Голем интерес за упис во новото полициско училиште: Се планираа 200, но се примија 310 ученици кои ги поминаа фазите на селекција

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

„Облечи ја униформата со гордост!“ беше мотото на јавниот повик на Министерството за внатрешни работи за прием на 200 ученици во новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија за учебната 2026/2027 година.

Годинава се возобнови средното полициско образование во државава по пауза од 26 години, односно од завршувањето на последната генерација (1996-2000) пред укинувањето на тогашниот Центар за образование на кадри од областа на безбедноста (ЦОКОБ) „Елисие Поповски-Марко“.

За упис во новото училиште можеа да конкурираат ученици со завршена втора година средно образование во кое било четиригодишно средно училиште во државава.



- На јавниот повик за прием на редовни ученици во Средното полициско училиште во состав на Полициската академија, објавен на 2.7.2026 година се запишаа вкупно 310 ученици. Поради големиот интерес (околу 3 спрема 1), согласно Одлуката на Владата за проширување на квотата за прием од 200 ученици, беа примени сите 310 ученици што успешно ги поминаа сите фази на селекција - рекоа од МВР за Факултети.мк.

Оттаму велат дека согласно двегодишниот план за образовна квалификација полициски службеник, посебно се креирани наставни програми согласно стандардите утврдени од Центарот за развој на стручно образование и Бирото за развој на образованието.

- При изработката на наставниот план, целосно се следеа претходно утврдениот стандард на занимање – полицаец донесен од страна на Министерството за економија и труд, и усвоениот Стандард на квалификација – полициски службеник. Во таа смисла наставниот план во целост ги следи потребите на утврдените клучни компетенции, конечни резултати и критериумите за проверка на резултатите од учењето - потенцираат од Министерството за внатрешни работи.




Наставниот план е организиран во модули за учење кои го следат концептот на планирање на наставата во средните стручни училишта од секторот економија, трговија и право. Во таа смисла, наставните предмети се поделени во следните модули:

- Заеднички општообразовен модул со следните наставни предмети кои се изучуваат во III и IV година: македонски јазик и литература, а за учениците од другите заедници: албански јазик и литература, турски јазик и литература или српски јазик и литература; македонски јазик за учениците од другите заедници; англиски јазик; спорт и спортски активности; историја.
- Општообразовен модул значаен за одреден сектор со вкупно 5 часа неделно во трета и 3 часа неделно во четврта година, со изучување на следните наставни предмети: специјално физичко образование/одбранбени тактики, информатичко-комуникациски системи и психологија.
Во рамките на стручното образование предвидени се три задолжителни стручни модули со вкупно 16 часа неделно во трета и 18 часа неделно во четврта година.
-Полициска етика и човекови права со два наставни предмети (полициска етика, интегритет и комуникација и полиција и човекови права);
- Полициско право и овластувања (уставно право, примена на полициски овластувања, јавен ред и мир и полициска тактика, безбедност во патниот сообраќај, гранично работење и ракување со оружје и гаѓање)
- Казнено право (прекршочно право, кривично право и кривична постапка, криминалистика и криминалистичка техника) - информираат од МВР.

Во третиот стручен модул во трета година од вкупниот фонд на часови 32 % се однесуваат на практична настава, додека пак во четврта година 45 % се однесуваат на практична настава. Од МВР потенцираат дека значајно е застапена практичната настава за учениците со оглед на тоа дека од клучно значење за полициското работење е стекнувањето соодветни вештини за примена на овластувањата, тактиката, техниката и методиката на полициското постапување.

- Притоа, значајно е да се има предвид дека во овој процент на практична настава не се земени предвид часовите за строева обука, поздравување и отпоздравување и почитување на начелата на полициска хиерархија согласно Правилата за начинот на меѓусебно однесување на вработените во полицијата. Во наставниот план се предвидени и 20 дена феријална практика, односно практична работа во полициските станици по место на живеење на учениците - додаваат од Министерството.

Учениците можат да направат избор за учење на еден од наставните модули: германски јазик, математика, социологија, прва помош, спасување и управување со кризи, меѓународно право и односи и албански јазик за ученици од неалбанските заедници.

По дипломирањето, сите овие ученици, согласно Законот за внатрешни работи, ќе добијат можност за вработување во МВР на местото полицаец, но она што е уште поважно е дека овие ученици ќе имаат исти можности за упис на факултет како и другите ученици од средните училишта во земјава.



- Согласно Законот за средно полициско училиште, по завршувањето на четвртата година учениците полагаат испит за завршување на средно образование согласно Законот за средното образование и Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит.

По завршувањето на Средното полициско училиште, учениците можат да конкурираат за запишување на студии од прв циклус, доколку видот на положениот испит и избраните матурски предмети ги исполнуваат условите утврдени со конкурсот за соодветната студиска програма - велат од МВР.

Сите ученици во Средното полициско училиште „7 Мај“, без разлика на местото на живеење или престојување, за време на работната недела престојуваат во интернатот на Полициската академија, а Министерството за внатрешни работи обезбедува храна, облека (униформа) и сместување за учениците.

Средното полициско училиште – Полициска академија е формирано со одлука на Владата и врз основа на Законот за средно полициско училиште, кој беше донесен во август минатата година поради недостигот на формализирано средно полициско образование.
Откако во 2000 година училиштето беше укинато, се спроведува основна полициска обука на кандидати од 18 до 25 години, избрани на јавен оглас, кои по една година во Центарот за обука засноваат работен однос во МВР.

Фото: МВР