Осум часа без храна пред земање крв често не е неопходно, покажува ново истражување

Осум часа без храна пред земање крв често не е неопходно, покажува ново истражување

Ново истражување ја доведува во прашање долгогодишната медицинска практика според која пациентите не би требало да јадат од 8 до 12 часа пред повеќето рутински анализи на крвта.

Анализата на повеќе од 9,7 милиони лабораториски резултати покажа дека краткотрајниот пост има минимално влијание врз повеќето испитувани параметри. Сепак, истражувачите предупредуваат дека тоа не значи дека пациентите треба на своја рака да ги игнорираат упатствата од лекарите.

Воздржувањето од храна е вообичаено барање пред многу лабораториски анализи, а на пациентите најчесто им се советува пред земањето крв да не јадат и да не пијат ништо освен вода. Според новото истражување, ваквиот начин на подготовка можеби е непотребен за голем број од тестовите.

Строгите правила за гладување првично биле воведени поради страв дека храната може да влијае врз точноста на резултатите, пред сè, кај тестовите за глукоза и липиди (масти во крвта). Меѓутоа, со текот на времето ова правило почнало да се применува врз значително поширок спектар на анализи.

Анализирани повеќе од 9,7 милиони резултати


Истражувачкиот тим, предводен од д-р Сунгхван Шин од Медицинскиот центар „Асан“ при Универзитетот „Улсан“ во Сеул, спроведе обемно истражување со податоци собрани меѓу 2021 и 2023 година. Истражувањето опфати над 101.000 полнолетни пациенти и повеќе од 9,7 милиони резултати.

Пациентите биле поделени во три групи: оние што постеле пократко од 8 часа, од 8 до 12 часа и подолго од 12 часа. Резултатите покажаа дека времетраењето на постот влијаело врз квалитетот на анализите кај само 10 од вкупно 121 испитан параметар.

Глукозата и триглицеридите се меѓу исклучоците


Гладувањето се покажало како навистина важно за мала група показатели, пред сè, за глукозата, триглицеридите, гама-глутамил трансферазата и липазата, чии вредности биле повисоки кај лицата што постеле пократко од 8 часа.

За сите други параметри, постот подолг од 8 часа претставува само непотребно оптоварување за пациентите. Поради тоа, авторите на истражувањето истакнуваат дека наместо едно општо правило за сите анализи, подготовката треба да се приспособува за секој параметар поединечно.

Извор: n1info.rs
Фото: Magnific