Од бумбари до фоки - животни што ги користат ѕвездите како навигација

Од бумбари до фоки - животни што ги користат ѕвездите како навигација

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Луѓето ги користат ѕвездите како навигација уште од антички времиња. Но и мал број животни и инсекти исто така го користат ноќното небо за да се снајдат во просторот. Некои го препознаваат движењето на шемите на ѕвездите, други ги следат светлите ѕвезди, додека трети се потпираат на нашата галаксија - Млечниот Пат.

Од балегари (вид бумбари) до фоки, навигацијата со помош на ѕвездите е критична вештина затоа што им помага да мигрираат, да најдат храна или да бараат придружба за парење. Дури и малите суштества како балегарите, со мозок голем колку на зрно ориз, гледаат во ѕвезденото небо и одлучуваат каде да одат.

Птици-песнопојки

1
Фото: George Grall/National Geographic


Птиците од видот „Passerina cyanea“ од Северна Америка летаат на југ кога доаѓа зима и тоа го прават навечер.

Во 1967 година истражувачите во Мичиген привремено заробиле неколку птици од овој вид при нивната есенска миграција. Тие ги однеле птиците во планетариумот „Роберт Т. Лонгвеј“ во Флинт, Мичиген, и ги ставиле во специјални кафези што овозможувале поглед на ѕвездената купола. За време на сезоната на миграција птиците пред полетувањето се ориентирале така што скокале во насока во која сакале да патуваат. Додека небото на планетариумот се вртело околу Северната Ѕвезда, имитирајќи го очигледното движење на природното ноќно небо, птиците се обиделе да скокаат на југ, како што се очекувало.

Меѓутоа, кога истражувачите ги отстраниле соѕвездијата на 35 степени од Северната Ѕвезда, се случило нешто интересно: птиците биле дезориентирани. Истражувањето открило дека индивидуалните ѕвезди не биле важни за птиците колку што била важна ротацијата на шемите на ѕвездите околу центарот. Во дивината ова им овозможува да утврдат каде е север, а потоа да ги користат овие информации за да летаат на југ.

Фоки

2
Фото: Michael Melford/National Geographic


Полинезиските морнари се потпираат на водечките ѕвезди наречени ѕвезди-водилки за да го најдат патот во текот на пловењето илјадници години наназад, но фоките го прават тоа од поодамна.

Овие морски цицачи што живеат по должината на крајбрежјето на Атлантикот и Пацификот на Северната хемисфера поминуваат голем дел од времето барајќи храна во текот на ноќта. Во овие ситуации им недостигаат копнени обележја.

За да го испитаат нивниот потенцијал за навигирање со помош на ѕвездите, во 2006 година данските и германските научници ставиле две фоки во специјално изработен пловечки планетариум во специјално морскиот научен центар во Германија.

Тимот ги тренирал двете фоки Ник и Малте да пливаат во насока на специфични ѕвезди-водилки, а потоа открил дека животните можат да идентификуваат ѕвезди од реалната проекција на ноќното небо на Северната хемисфера.

Ова покажува дека фоките можат да користат специфични ѕвезди-водилки како навигациски знаци за да патуваат далеку од брегот - првиот научен доказ дека морските цицачи се ориентираат според ѕвездите.

Балегари

3
Фото: Ronan Donovan/National Geographic


Фоките можат да видат одделни ѕвезди затоа што, како и кај сите 'рбетници, нивното око е како камера - има леќа и едно отворање каде што влегува светлината и ја удира мрежницата. Оваа анатомска „функција“ овозможува откривање на мали, релативно слаби објекти како ѕвездите.

За разлика од нив, инсектите не можат да видат поединечни ѕвезди - нивните сложени очи не можат да детектираат фини детали како единечни точки на светлина. Но, збир на ѕвезди голем и густ како Млечниот Пат може да се појави како единствена, светлечка низа. За ноќниот бумбар балегар ова е многу корисно.

Тука клучна е ефикасноста - инсектите што патуваат во права линија може да го проследат најголемото растојание. За да го постигнат ова, овие инсекти обично навигираат по поларизираната светлина на Месечината. Но, кога нема Месечина, Млечниот Пат обезбедува резервна копија. Овој вид инсект е единственото животно за кое е потврдено дека навигира со помош на Млечниот Пат.

- Сè додека се задржуваат во иста ориентација кон нивната првична позиција, тие ќе се движат право - велат научниците.