„Канва“ отпушта 1.271 вработен, но им нуди шест плати, „мекбук“ и 10.000 долари за сопствен бизнис
Австралиската технолошка компанија „Канва“, позната по својата платформа за графички дизајн, најави една од најголемите реорганизации во својата 13-годишна историја. Промените ќе опфатат 1.271 вработен, односно околу 22 отсто од работната сила. Дел од нив ќе останат без работа, додека на други ќе им бидат променети работните позиции или ќе им биде понудена можност за преселување во деловните центри на компанијата.
Додека технолошката индустрија се соочува со забавување на растот и промените што ги носи вештачката интелигенција, вниманието на јавноста го привлече и начинот на кој „Канва“ планира да се раздели со вработените. Компанијата подготви пакет финансиска и друга поддршка што треба да им го олесни преминот кон ново работно место или започнувањето сопствен бизнис.
Плата ќе земаат шест месеци, ќе имаат здравствено осигурување и службен компјутер
Според планот што го претстави извршната директорка и коосновач на компанијата, Мелани Перкинс, секој вработен што ќе ја напушти „Канва“ ќе добие најмалку шест месечни плати, вклучувајќи ги и надоместоците предвидени со закон, без оглед на земјата во која работи.
Покрај финансискиот надомест, вработените ќе можат да ги задржат и службените компјутери „мекбук“. Од компанијата објаснуваат дека не секој има личен лаптоп што би можел да го користи додека бара нова работа.
Поддршката вклучува и дополнителни 12 месеци здравствено осигурување во земјите каде што компанијата ја нуди оваа поволност. Во истиот период, поранешните вработени и членовите на нивните семејства ќе можат да ја користат и програмата за поддршка „Канва кер“.
Посебна мерка е предвидена за оние што ѝ се приклучиле на компанијата во текот на последната година. „Канва“ ќе ја укине вообичаената едногодишна граница на чекање за стекнување право на акции, овозможувајќи им да го задржат сопственичкиот удел иако, според стандардните правила, сè уште не би го стекнале тоа право.
Грантови од 10.000 долари за нови бизниси
Еден од најинтересните делови од пакетот е новиот фонд „Канва колектив фанд“. Преку него компанијата ќе им доделува грантови од 10.000 долари на поранешните вработени кои сакаат да започнат сопствен бизнис или проект што ќе придонесе за локалната заедница.
Притоа, „Канва“ нема да бара сопственички удел во бизнисите или проектите што ќе бидат финансирани преку овој фонд.
Вработените ќе добијат и едногодишна претплата на „Линкдин премиум“, индивидуално кариерно советување, помош при подготовката на биографијата и вежбање за разговори за работа. Компанијата ќе вклучи и дел од својот тим за вработување, кој ќе им помага да пронајдат нови професионални можности.
Дополнително, ќе можат доброволно да се приклучат на базата на поранешни вработени, која „Канва“ ќе ја споделува со инвеститори, деловни партнери и контакти од технолошката индустрија, со цел да им отвори врати кон нови работни места и деловни соработки.
Забавувањето на растот ја наметна потребата од промени
Зад реорганизацијата стои забавувањето на растот на компанијата, првпат по една деценија постојана експанзија. Во обраќањето до вработените Перкинс објаснува дека во изминатите месеци раководството разгледувало како да ја подготви „Канва“ за следната фаза од развојот и заклучило дека постепените промени нема да бидат доволни.
Реорганизацијата се случува во период кога целата софтверска индустрија минува низ значителни промени поради развојот на вештачката интелигенција. Алатките за генерирање текст, слики и дизајн го менуваат начинот на кој корисниците создаваат содржина, но и очекувањата од платформите што досега доминираа на пазарот.
Сепак, во официјалното образложение за реорганизацијата, „Канва“ не ја посочи директно вештачката интелигенција како причина за намалувањето на бројот на вработени. Во фокусот на обраќањето на директорката беа забавувањето на растот и потребата од поедноставна и поефикасна организација.
Извор:
BIZlife.rs
Фото: Magnific