MaStER_G – Нова меѓународна магистерска студиска програма што ги обединува геотехничкото инженерство, заштитата на животната средина и одржливиот развој

MaStER_G – Нова меѓународна магистерска студиска програма што ги обединува геотехничкото инженерство, заштитата на животната средина и одржливиот развој

Интервју со координаторите на проектот MaStER_G за универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. Јован Бр. Папиќ (Градежен факултет) и проф. д-р Кемал Едип (Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија)

Би можеле ли накратко да ни кажете нешто за себе?

ЈП: Благодарам за прашањето, и воедно изразуваме благодарност за можноста да ја претставиме студиската програма MaStER_G пред аудиториумот во Македонија.
Роден сум во Скопје, каде што по завршувањето на основното, а потоа и на средното образование во ГУЦ „Здравко Цветковски“, се запишав на Градежниот факултет (ГФ). Дипломирав на конструктивната насока во 2001 год. како студент на генерацијата. Последипломските студии од областа на геотехниката ги завршив на Градежниот факултет во Белград, а докторирав на Градежно-архитектонскиот факултет во Ниш. Сепак, целокупната академска кариера, од дипломирањето, ја градам на матичниот факултет, каде сега сум професор при Катедрата за геотехника (КГТ). Преку Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ), чиј претседател бев 2018-2022 год., долгогодишен член сум на Меѓународното друштво за механика на почви и геотехничко инженерство (ISSMGE) и сум национален претставник во неговиот Технички комитет 215 Еколошка геотехника. Од 2024 год. раководам со Техничкиот комитет 11 Геотехника при македонскиот Институт за стандардизација, од каде ја следам работата на неколку европски комисии. Оваа година сум назначен да го водам Одборот за доделување на награди при ISSMGE, и сум примен во Инженерската академија на Србија. За екологијата се интересирам уште од средношколски денови, додека со геотехниката, која ја воспоставува врската помеѓу градежништвото (техниката) и геологијата (природата), се запознав во текот на студиите. Во соработка со колегите од КГТ, ГФ, земјата, регионот, но и пошироко, истражувам во полето на испитувања на почвите за градежни и еколошки цели, свлечиштата, европските стандарди (вклучувајќи и еврокодовите), депониите, заштитата на животната средина и на историските објекти и др., а во поново време и за биогеотехника. Всушност, тоа се и теми кои во одреден обем се опфатени со студиската програма MaStER_G.

КЕ: Јас сум редовен професор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што ја започнав мојата академска кариера во 2005 година. Од октомври 2024 година ја извршувам и функцијата заменик-директор за наука и образование. Дипломирав на Блискоисточниот технички универзитет (METU) во Анкара, магистрирав во областа на пресметковно инженерство на Универзитетот во Бохум, Германија, а докторирав на ИЗИИС во 2013 година. Во текот на докторските студии, со поддршка на германската фондација DAAD, реализирав повеќе истражувачки престои на Техничкиот универзитет во Ахен (RWTH Aachen). Мојата научноистражувачка работа е насочена кон земјотресното геотехничко инженерство, динамиката на почвите, интеракцијата почва–конструкција, нумеричкото моделирање и процената на сеизмичките и геотехничките ризици, со посебен интерес за стабилноста на косините и отпорноста на инфраструктурата при природни катастрофи. Во текот на кариерата учествував во бројни меѓународни истражувачки проекти финансирани од Европската Унија, меѓу кои ERIES, CRISIS, ISRA и EMERGE, како и во повеќе билатерални научни соработки. Значаен дел од мојата работа е посветен на поврзувањето на експерименталните истражувања, современите нумерички методи и нивната практична примена во инженерството. Особено ме радува што преку проектот MaStER_G имаме можност нашето научно и образовно искуство да го интегрираме во современа меѓународна магистерска програма, која ќе подготвува нови генерации инженери за справување со геохазардите, климатските предизвици и создавањето поотпорна и поодржлива животна средина.


Јован Бр. Папиќ (лево), Кемал Едип (десно)

Што претставува MaStER_G и како се роди идејата за оваа студиска програма?

MaStER_G (Master study program on environmental resilience and geohazards) е меѓународна заедничка магистерска студиска програма по геохазарди и отпорност на животната средина. Носител и координатор е Факултетот за геотехничко инженерство при Универзитетот во Загреб, под раководство на проф. Игор Петровиќ. Програмата се развива во партнерство со Федералниот универзитет во Баија (Бразил), чиј претставник е проф. Сандро Машадо, потоа Рударско-геолошкиот факултет при Универзитетот во Белград, со проф. Драгослав Ракиќ, доц. д-р Јелка Крушиќ и доц. д-р Ирена Басариќ Икодиновиќ; и нашиот универзитет, од каде учествуваат ГФ и ИЗИИС, преку, покрај нас двајца, и проф. Јосиф Јосифовски, Декан на ГФ, и проф. Јулијана Бојаџиева, раководител на Одделот за геотехника и специјални конструкции при ИЗИИС и тукушто избран претседател на ДГМ.
Програмата е насочена кон геоеколошкото инженерство, при што ги интегрира геотехничкото инженерство и заштитата на животната средина, со посебен акцент на геохазардите и отпорноста. За таа цел, ќе се изучуваат области како нестабилности на терен, земјотреси, вулкани, депонии и други денешни и идни инженерски и еколошки предизвици, кои ќе се анализираат преку наоди од современи технологии за мониторинг и софтверски моделирања, и би се согледал потенцијалот за примена на достапни, но и на иновативни технички и био-мерки за справување со нив. Иницијативата произлезе од заедничката визија на партнерските институции и нивните академски тимови за развивање современа студиска програма со меѓународна ориентација, која на студентите ќе им ги обезбеди потребните знаења и вештини за справување со предизвиците на климатските промени, природните и индуцираните појави што влијаат врз човековите живот, работа и околина, зелената и енергетска транзиција, заштитата на животната средина, управувањето со отпад и одржливиот развој.



По што 
се разликува MaStER_G од постојните магистерски студиски програми?

Најголемата предност на MaStER_G е нејзината меѓународна димензија. Програмата е заеднички развиена од повеќе универзитети, со што секој семестар студентите престојуваат во друга земја (Хрватска, Македонија, Србија, Бразил) и им се овозможува да се запознаат со различни образовни системи, наставни пристапи и академски перспективи, но и јазици и култури. Посебен акцент се става на практичното учење, решавањето реални инженерски проблеми и тесната соработка со индустријата.

Кои компетенции ќе ги стекнат студентите по завршувањето на програмата?

Студентите ќе стекнат напредни знаења од областа на геотехничкото и геоеколошкото инженерство, процената на геохазардите, нумеричкото моделирање, управувањето со отпадот, заштитата на почвата и подземните води, но и нивно ползување за добросостојбата на човештвото, како и примената на современи методи на испитување и набљудување. Покрај техничките знаења и стручноста, тие ќе развијат и вештини за тимска работа во меѓународна средина, комуникација и управување со проекти.

Какви можности за професионална кариера ги очекуваат идните магистрирани студенти?

Побарувачката за стручни кадри во геотехничкото и геоеколошкото инженерство постојано расте. Климатските промени веќе не се предизвик на иднината – тие се реалност со која се соочуваме речиси секојдневно. Во последниве години сведочиме на зголемување на бројот на свлечишта, поплави и други геохазарди ширум светот. Еден од највпечатливите неодамнешни примери е катастрофата во Непал, каде што големо свлечиште поврзано со уривање на глечер предизвика разорна поројна поплава со наносен материјал, која однесе многу животи и уништи транспортна и енергетска инфраструктура. Ваквите настани јасно ја покажуваат важноста на инженерите кои го разбираат однесувањето на почвите, карпите и водата и кои се способни да проектираат безбедна и отпорна инфраструктура.
Магистрираните студенти на програмата MaStER_G ќе бидат оспособени за работа во проектантски и консултантски инженерски компании, градежниот сектор, државните органи, локалната самоуправа, комуналните претпријатија и институциите надлежни за заштита на животната средина, управување со природните ресурси и намалување на ризиците од катастрофи. Програмата, исто така, обезбедува одлична основа за продолжување на образованието на докторски студии.

Колку е важна меѓународната соработка за квалитетот на програмата?

Таа е од суштинско значење. Студентите ќе имаат можност да учат од наставниот кадар на повеќе универзитети и да учествуваат на меѓународни работилници, интензивни студиски програми и различни активности за мобилност. Покрај предавачите од партнерските институции, во програмата ќе бидат вклучени и бројни меѓународно признати научници и експерти од индустријата како гостински предавачи. Тие ќе ги запознаат студентите со најновите научни достигнувања, добрите практики и искуствата од водечките истражувачки центри и индустријата. Ваквата меѓународна средина за учење им овозможува на студентите да стекнат знаења од различни перспективи, да изградат вредна професионална мрежа и подобро да ги разберат современите предизвици. На крајот, тоа значително ја зголемува нивната конкурентност на европскиот и глобалниот пазар на труд, а истовремено ги подготвува за работа во мултидисциплинарни и меѓународни тимови.

Што значи овој проект за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и неговите партнери?

Развивањето заедничка меѓународна магистерска студиска програма претставува значаен чекор напред во интернационализацијата на високото образование. Партнерството ги обединува институциите што споделуваат заедничка визија за развивање современа и квалитетна студиска програма усогласена со европските стандарди. Тоа дополнително ја зајакнува соработката меѓу партнерските универзитети, создава можности за нови заеднички образовни и истражувачки проекти и поставува основа за иден развој на заедничка меѓународна докторска студиска програма.

Проектот е финансиран од програмата „Еразмус+“. Колку е важна оваа поддршка?

Поддршката обезбедена преку програмата „Еразмус+ Еразмус Мундус – Мерки за дизајнирање“ (Erasmus Mundus Design Measures – EMDM) ни овозможи да ја осмислиме и развиеме заедничката магистерска студиска програма MaStER_G во согласност со највисоките европски стандарди за квалитет. Во рамките на проектот, партнерските институции тесно соработуваа во усогласувањето на наставната програма, дефинирањето на резултатите од учењето, развивањето иновативни предмети и наставни материјали, воспоставувањето заеднички процедури за обезбедување квалитет и подготовката на програмата за меѓународна акредитација. Проектот ја зајакна и академската соработка меѓу партнерските универзитети преку бројни состаноци, работилници, размени на кадар и заеднички активности, поставувајќи основа за одржливо долгорочно партнерство.



Сепак, ова е само првиот чекор. По завршувањето на развојот на програмата, планираме да аплицираме за финансирање во рамките на програмата „Еразмус Мундус – Заеднички магистерски студии“ (Erasmus Mundus Joint Masters – EMJM). Нашата цел е да обезбедиме стипендии за најдобрите студенти од целиот свет, во износ од 1.400 евра месечно во период од 24 месеци, што ќе им овозможи целосно да се посветат на студиите и меѓународната мобилност без значителни финансиски грижи. Дополнително, ограничен број стипендии ќе бидат достапни и за истакнати студенти од партнерските земји, со што ќе се обезбеди талентираните кандидати од сите институции учеснички да имаат можност да ги искористат придобивките од оваа меѓународна програма. Покрај студентите со стипендија, програмата ќе ги прифаќа и студентите кои самостојно ќе ги покриваат трошоците за студирање, обезбедувајќи дополнителни можности за високомотивирани кандидати кои сакаат да се приклучат на MaStER_G надвор од шемата за стипендирање на „Еразмус Мундус“. Оваа комбинација на студенти со стипендија и студенти кои самостојно го финансираат студирањето ќе ја направи програмата MaStER_G уште попривлечна, а истовремено дополнително ќе ја зголеми нејзината меѓународна видливост, инклузивност и конкурентност.

Кога очекувате да ја примите првата генерација студенти?

Во моментов ги завршуваме сите активности потребни за акредитација на студиската програма во партнерските земји. Целта ни е првата генерација студенти да се запишат во академската 2027/2028 година, додека академската 2028/2029 година претставува најдоцен планиран почеток, во зависност од времетраењето на акредитациските постапки. Веруваме дека MaStER_G ќе стане привлечен избор за студентите кои бараат меѓународно образование и кариера во областа на одржливиот развој. За запознавање со неа, но и проширување на академскиот тим со претставници од стопанството, преземени се промотивни активности преку претставување на студиската програма на повеќе национални и меѓународни конференции.







Која порака би сакале да им ја упатите на потенцијалните студенти?

Светот брзо се менува, а инженерите се соочуваат со сè посложени предизвици поврзани со климатските промени, заштитата на животната средина и одржливото користење на 
природните ресурси. MaStER_G им нуди на студентите можност да стекнат знаења и искуства потребни за активно придонесување во решавањето на овие предизвици, работа во меѓународна средина и градење успешна кариера во една од инженерските дисциплини со најголеми перспективи.

На крајот, каде можат заинтересираните студенти да најдат повеќе информации за програмата?

Сеопфатни информации за студиската програма, партнерските институции, предметите, новостите и проектните активности се достапни на официјалната веб-страница на MaStER_G и на страницата на LinkedIn:
🌐 Веб-страница: https://masterg.gfv.hr/

💼 LinkedIn: https://www.linkedin.com/company/master-g/

Ги охрабруваме сите потенцијални студенти и идни партнери да ги следат истите за да бидат во тек со најновите вести, настани и можности што ги нуди програмата MaStER_G.