Ова е најпотценетиот зимски град во Европа, според „Тајм аут“
Угледниот патописен водич „Тајм аут“ објави листа со најдобри европски градови за зимски одмор во 2026 година. Покрај Париз, Амстердам и Загреб, кој го зазеде првото место, посебно се издвои Љубљана како најпотценета дестинација на листата. Водичот ја препорачува словенечката престолнина поради единствените празнични светилки, опуштената атмосфера и излетите.
Кратката зима не значи дека треба да се откажеме од патувањата. Напротив: многу европски градови во ладните месеци го покажуваат своето најшармантно лице. Уредниците на водичот „Тајм аут“ составија листа со градови кои најмногу се исплати да се посетат оваа зима.
На врвот на листата се најде Загреб, кого „Тајм аут“ го фали поради наградуваниот Адвент, а го означи и како најдобар избор за семејства. Веднаш до него, на третото место, се смести Љубљана. Водичот ја истакнува како најпотценет зимски град на целата листа.
Светилки какви што нема на друго место
Главниот адут на словенечката престолнина во празничното време се нејзините божиќни светилки. Според описот на „Тајм аут“, украсите што го исполнуваат речиси секој агол од центарот на градот се обликувани така што потсетуваат на ѕвезди и галаксии.
Авторот на текстот наведува дека станува збор за проект кој се развива секоја година и кој, како што тврди, е единствен во светот. Според него, Љубљана вреди да се посети во зима само поради светилките.
Блед под снег како дополнителна мамка
Љубљана е и одлична почетна точка за излети. Најпознат е излетот до езерото Блед, оддалечено помалку од еден час возење. „Тајм аут“ истакнува дека зимата го подигнува езерото на сосема друго ниво кога ќе го покрие снег. Покрај тоа, водичот се осврнува и на спектакуларните природни предели што го опкружуваат градот.
Покрај Загреб и Љубљана, на листата на „Тајм аут“ се најдоа и Париз, како најдобар избор за парови, Единбург за љубителите на храна, Сараево и Амстердам.
Фото: принскрин/јутјуб