Плакар во Помпеја, запечатен речиси 2.000 години, открива детали од секојдневниот живот пред ерупцијата на Везув

Плакар во Помпеја, запечатен речиси 2.000 години, открива детали од секојдневниот живот пред ерупцијата на Везув

Археолозите открија десетици лични предмети во плакар во Помпеја, кои останале недопрени речиси 2.000 години.

Кога Везув еруптирал во 79 година од новата ера, античкиот град Помпеја бил затрупан под дебел слој вулканска пепел. Катастрофата ги затекнала жителите во секојдневните активности, а насобраните вулкански материјали ги зачувале зградите, фреските и многубројните предмети, овозможувајќи им на археолозите денес да го реконструираат животот во градот.

Меѓу најновите значајни откритија се остатоците од дрвен плакар и предметите што некогаш се чувале во него. Монети, накит, садови и прибор за готвење сведочат за навиките и секојдневието на обичните жители непосредно пред катастрофата.

Плакарот бил пронајден за време на ископувањата во една куќа на улицата „Виа де л'Абонданца“, една од главните сообраќајници во античкиот град. Резиденцијата е наречена Куќата на Корнелиус Максимус, врз основа на анализата на натписите пронајдени на локалитетот.

Сепак, директорот на археолошкиот локалитет, Габриел Зухтригел, изјавил дека истражувачите не можат со сигурност да утврдат кој живеел во куќата. Пронајдените предмети им овозможуваат подобро да го разберат секојдневието на нејзините некогашни жители.

Влезот на куќата бил ископан уште во 1912 година, но подлабоките истражувања започнале неодамна, како дел од нов проект за реставрација на овој дел од локалитетот. Во просторијата каде што бил откриен плакарот има и сложени ѕидни слики, за кои се претпоставува дека се изработени во работилница откриена на блиската улица.

Ѓердан со амајлии и предмети од секојдневието


Меѓу најинтересните наоди е ѓердан составен од околу 24 минијатурни приврзоци. Амајлиите се изработени од коска, глина, стакло и камен, а на нив се претставени различни мотиви, меѓу кои дланки, стапала, шишарки, гроздови и божествата Бес и Меркур.

Овој вид накит е познат како „крепундија“. Името потекнува од латинскиот збор „крепаре“, што значи „да произведува звук“, бидејќи малите приврзоци тропкале при движење.

Ваквите ѓердани најчесто ги носеле децата, како заштита од зли сили, но и поради звукот што го произведувале, кој им помагал на возрасните полесно да ги следат. Многу Римјани ги чувале овие предмети и во зрелата возраст, како спомен од детството.

Другите пронајдени предмети даваат дополнителен увид во навиките на жителите. Археолозите откриле пинцети, толчник за подготовка на шминка, мало стаклено шишенце што можело да служи за чување парфем или мелем, како и кадилник. Пронајдени се и различни керамички садови и прибор за готвење.

Значајно е откритието на 38 бронзени монети. Фактот дека во плакарот останале и парите и предметите со можна сентиментална вредност укажува дека жителите морале набрзина да го напуштат домот, без да имаат време да ги понесат највредните работи.

Денес, овие наоди ја надополнуваат сликата за животот во Помпеја пред ерупцијата, откривајќи детали што не можат да се видат само преку големите градби и уметничките дела.

- Помпеја не е само место со големи уметнички дела. Тоа е и место каде што наједноставните, секојдневни предмети ја враќаат човечката димензија на минатото - вели Зухтригел.

Извор: Allthatisinteresting.com
Фото: Archaeological Park of Pompeii