Апликација што може да детектира анемија

Апликација што може да детектира анемија

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нова апликација за паметни телефони може да каже дали сте анемични само преку анализа на бојата на ноктите на фотографија.

Анемијата е често нарушување на крвта кое може да предизвика замор, проблеми со срцето и компликации во бременоста. За дијагностицирање на анемијата е потребна анализа на крвта, како и специјализирана опрема за тестирање, која често е непристапна за сиромашните општества.

Но, благодарение на тим истражувачи од Технолошкиот институт и Универзитетот „Емори“ во Џорџија, САД, нарушувањето може да биде детектирано само со употреба на апликација за смартфон. Тимот се потпрел на претходни студии кои докажале дека анемијата може ефективно да биде детектирана преку анализирање на бледилото на некои делови од ноктите, дланката или јазикот.

Апликацијата работи врз основа на алгоритам создаден од страна на Вилбур Лам и неговиот тим на „Емори“ и детектира анемија преку оценување на концентрацијата на хемоглобинот од бојата на ноктот, користејќи фотографии направени со смартфони.

Бојата на ноктот е добар индикатор за нивото на хемоглобин во крвта бидејќи нашите нокти не содржат клетки што произведуваат темен пигмент кој би ја маскирал нијансата.

Сепак, истражувачите веруваат дека апликацијата треба да се користи само за скрининг, а не и за клиничка дијагноза. Но, тие додаваат дека со дополнително истражување апликацијата може да овозможи точност која е потребна за замена на методите на тестирање кои се засноваат на крв за клиничко дијагностицирање на анемијата.