Потребни се многубројни партнерства во напорите за борба против родово базираното насилство

Потребни се многубројни партнерства во напорите за борба против родово базираното насилство

Секој од нас треба да биде гласот на промената и да одговори на повикот за колективно учество, трансформирање од пасивното прифаќање кон градење општество без штетни социјални норми и без насилство.

Пишува: д-р Афродита Шаља

Обединетите нации во Северна Македонија, во партнерство со Делегацијата на Европската Унија и ОБСЕ во Скопје, со учество на многубројни меѓународни и национални партнери и годинава активно се вклучија во кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, која започна на 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и девојчињата, и трае до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Целта на кампањата е да создаде обединувачка платформа каде што секој ќе може да се идентификува со заедничката цел и ќе се бори за ставање крај на насилството против жените и девојчињата. Годинава глобалната тема е „Инвестирајте за да го спречите насилството врз жените и девојчињата“.
Родово базираното насилство е кршење на човековите права. Ако околу половина од населението се жени и ако во нашата држава околу половина од девојчињата и од жените на возраст од 15 до 49 години биле предмет на некаков вид насилство, тогаш е јасно колку ова прашање е сериозно и значајно. А ова се само бројки! Што значат тие бројки и какви последици насилството остава врз жените, децата, семејствата и врз општеството, многу тешко може да се измери или да се квантифицирa.

Дополнително, во изминатите години со развојот на технологијата и со користењето на социјалните мрежи и интернет-медиуми, се создава нова платформа и простор за различни типови насилство од она „традиционалното“, физичко насилство, кое зема голем замав и ги зафаќа сите категории население, млади, жени, стари лица. На глобално ниво анализите покажуваат дека 85 проценти од жените на светско ниво пријавиле дека посведочиле онлајн насилство, а 40 проценти дека лично биле жртви на таков вид насилство.



Силните патријархални норми со нееднаква моќ помеѓу мажите и жените, во голема мера придонесуваат до ваквата состојба. Сепак, ова во ниту еден момент не нè обесхрабрува туку напротив, нè мотивира да продолжиме да работиме уште попосветено кон зајакнување на свеста и препознавање што ќе доведе до пријавување на насилството. Сето ова можеме и мораме да го правиме сите заедно, со заедничко дејствување и препознавање на родово базираното насилство врз жените, како насилство насочено против жената затоа што е жена, или кое несразмерно ја погодува. Родово базираното насилство врз жените ги опфаќа причините и резултатот од нееднаквиот однос на моќта помеѓу жените и мажите и е резултат на општествен, а не на индивидуален проблем.

Исклучително е важно во напорите за борба против родово базираното насилство да имаме силни партнерства. УНФПА, заедно со другите агенции на Обединетите нации, работи на оваа значајна тема преку поддршка и соработка со одговорните институции на државата, граѓанскиот сектор, меѓународните организации, академијата, приватниот сектор, медиумите – почнувајќи од развојните проекти, преку програми фокусирани на родовата еднаквост и искоренување на родово базираното насилство.

Секој има своја улога и одговорност и неа треба да ја понесе. Унапредувањето на родовата еднаквост, преку пристап до сексуално и репродуктивно здравје и права, право на безбедност и живот без насилство, подобрено образование, соодветни политики на работното место, ќе резултира со поздрави семејства, посилни економии и поотпорни општества.

Секако, проблемот со родово базираното насилство е комплексен и не може едноставно и веднаш да се реши. Тој постои одамна и насекаде на глобално ниво и ги трансендира географските, културните и социо-економските граници. Меѓутоа, тоа не значи дека борбата треба да запре и дека не се постигнати значителни промени во изминатите години.



Потребно е вложување пред сè во човечки и материјални ресурси, со што ќе покажеме дека оваа тема е високо на агендата. Тука е вложувањето од јавниот сектор, но и од приватниот, особено долгорочна поддршка на граѓанските организации. Треба да им овозможиме на жените што преживеале насилство да се вклучат во пазарот на трудот и да постигнат економска независност и безбедност како клуч што води кон излез од кругот на насилство. Секој од нас треба да биде гласот на промената и да одговори на повикот за колективно учество, трансформирање на пасивното прифаќање кон градење општество без штетни социјални норми и без насилство.

Уште поитна е потребата за обединување ресурси и напори не само во Северна Македонија туку и регионално и глобално, со цел спречување на дигиталното насилство. Тоа насилство не познава граници, а дигиталните платформи е потребно да обезбедат транспарентна заштита и свест на корисниците за своите права, да им дадат на корисниците право на избор кои содржини ќе ги гледаат и како ќе се користат нивните податоци.
16 дена не се доволни, борбата против оваа штетна практика се протега надвор од ваквата временска рамка, таа е секој ден, секаде и од секого. Сепак, повеќе од кога било, овие денови се катализатор да инспирираат конкретни чекори кон ставање крај на родово базираното насилство.


Авторката е шефица на канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА во Северна Македонија