Повторливите удари по главата може да го оштетат системот за чистење на мозокот

Повторливите удари по главата може да го оштетат системот за чистење на мозокот

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачи открија дека повторени влијанија врз главата може да попречат клучен систем што му помага на мозокот да се исчисти. Кај професионалните борачи овој систем првично изгледа дека работи посилно по траума, а потоа опаѓа со текот на времето. 

Нова студија во која биле испитувани професионалните боксери и борци од мешани борачки вештини со когнитивни оштетувања покажала дека системот за чистење на мозокот ослабува по повторени удари по главата.

Трауматските повреди на мозокот поврзани со спорт претставуваат до 30 отсто од сите случаи на повреди на мозокот, а боксот и мешаните борачки вештини се меѓу водечките причинители. Претрпените удари по главата со текот на времето се познати ризик-фактори и за невродегенеративни и невропсихијатриски состојби.

Како глимфатичниот систем го отстранува отпадот од мозокот?

Глимфатичниот систем се состои од канали полни со течност кои помагаат да се исфрлат отпадните материи од мозокот. Функцијата на овој систем е слична на лимфниот систем кој оперира низ телото.

- Неодамна откриениот глимфатичен систем е како систем за отстранување на ѓубрето од мозокот. Тој е од витално значење за да му помогне на мозокот да ги исфрли метаболитите и токсините - вели Дануш Амин, водечки автор на студијата и истражувач при Универзитетот на Алабама во Бирмингем.

За да го проучат овој систем, истражувачите користеле дифузионо тензорско снимање по должината на периваскуларниот простор (DTI-ALPS), специјализиран МРИ-метод кој мери како се движи водата во и околу каналите поврзани со глимфатичниот тек. Овие патеки помагаат и во одржувањето на балансот на течноста, пренесуваат нутриенти и имунолошки клетки и овозможуваат заштита од повреда.

- Кога овој систем не работи соодветно, може да се насоберат штетни протеини, кои се поврзуваат со Алцхајмерова болест и други форми на деменција. Проучувањето на овој систем ни дава нов поглед во разбирањето и можното запирање на губењето на меморијата - вели Амин.

Разбирањето на системот е клучно

За студијата, тимот проценил информации од 280 атлети. 95 покажале когнитивни оштетувања на почетокот на студијата, а 20 здрави лица служеле како демографски соодветни контроли.

Резултатите биле неочекувани. Спортистите со оштетувања на почетокот покажале значително повисоки вредности на индексот на глимфатичниот систем, но тие вредности нагло опаднале со текот на времето како што се зголемувале ударите по главата. Глимфатичната функција продолжила да опаѓа кај борачите што трпеле постојани трауми на главата.

- Веруваме дека глимфатичниот индекс на почетокот е висок кај групата спортисти со оштетувања бидејќи мозокот првично одговара на повторени повреди на главата преку зајакнување на механизмите за чистење, но на крај станува преморен и во еден момент едноставно се предава - објаснува Амин.

Тој нагласува дека разбирањето на тоа како повторените удари по главата влијаат врз глимфатичниот систем е клучно за рано идентификување на невродегенеративните ризици кај спортистите кои практикуваат спортови со контакт.

Извор: Science Daily
Фото: Freepik