Скршеница на малото дете - симптоми, дијагноза и третман

Скршеница на малото дете - симптоми, дијагноза и третман

Скршеница на малото дете е честа фрактура на тибијата (голема коска во долниот дел од ногата). Најчеста е кај деца во раните години од одењето, од 9 месеци до 3 години. Тоа, всушност, претставува спирална фрактура на тибијата без никаква повреда на фибулата (помалата коска во долниот дел од ногата). Речиси секогаш е стабилна фрактура. Што значи тоа? Тоа значи дека фрактурираните (скршените) делови на коската не се поместени, односно се на соодветно место (непоместени). Поради тоа што е стабилна скршеница, исто така, постои мала веројатност да се помести.

Етиологија

Причината за повредата може да не биде очигледна на почетокот. Чести причини за фрактури се:
• Извиткување на ногата при одење или трчање;
• Лизгање по лизгалка и заглавување на стапалото, што резултира со извиткување. Ова е почесто доколку детето седи во скутот на постаро дете или возрасен, додека се спушта по лизгалка;

Клиничка симптоматологија

• Болка или оток во потколеницата, глуждот или стапалото;
• Неможност за движење на потколеницата;
• Обично нема модринки;

Дијагноза

Доколку постојат овие симптоми кај вашето дете, веднаш обратете се на лекар специјалист. Потребно е да се направи рендген за да се утврди или исклучи постоење на фрактура. Дури и ако нема очигледна фрактура на РТГ-графијата, детето може да се лекува како да има фрактура, со поставување лонгетна имобилизација.



Третман

Секогаш се поставува лонгетна имобилизација или чизма.

Вашето дете треба да ја носи оваа имобилизација околу 3 недели по дијагностицирањето на повредата.

Грижа за лонгета или гипс

Доколку на вашето дете му е поставена лонгета, таа треба да остане чиста и сува. Не ставајте ништо во лонгетата. Детето не треба да оди во лонгетата. Повредениот екстремитет треба да биде поштеден, односно да не се дозволи газење на истиот. Дозволено е мрдање со прстите заради подобра циркулација.

Со кој било облик на имобилизација (лонгета или чизма), проверувајте ги прстите на нозете за да видите дали постои притисок на одделен дел од екстремитетот, односно појава на невроциркулаторни пречки.

Прогноза

Поради тоа што коските кај децата се доста еластични и брзо зараснуваат, во најголем процент од случаите, прогнозата по овие скршеници е добра и детето се враќа на нормални активности многу лесно.

Автор: Корнелија Ѓорѓиеска, специјалист по ортопедска хирургија