Во која земја од Европската Унија најмногу се пие?

Во која земја од Европската Унија најмногу се пие?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Годишната потрошувачка на алкохол по глава на жител достигнала просечно 8,5 литри чист алкохол во земјите на ОЕЦД во 2023 година, според извештајот „Хелт ет гленс 2025“.

Шест земји од ЕУ имале потрошувачка под овој просек, а Грција забележала најниска, односно 6,6 литри по глава на жител.

Кои земји трошат најмногу алкохол?


Спротивно на тоа, Романија, Португалија и Летонија имале највисока потрошувачка - над 11,5 литри годишно.

Во последната деценија повеќето земји бележат пад на консумирањето алкохол. Помеѓу 2013 и 2023 година Белгија и Литванија имале најголем пад, за 2,5 литри или повеќе.

Од друга страна, најголем пораст е забележан во Португалија, Шпанија и Романија, каде што годишната потрошувачка се зголемила за 2 литри или повеќе.

Европската Унија е подрегион со највисока потрошувачка на алкохол глобално и област каде што ракот е водечка причина за смрт, според Светската здравствена организација.

Консумирањето алкохол е поврзано со зголемен ризик од повеќе видови рак - на уста, грло, црн дроб, дебело црево и дојка.

Во 2023 година во 27 земји на ОЕЦД 27 отсто од лицата постари од 15 години барем еднаш месечно консумирале големи количини алкохол во краток временски период.

Каде најмногу се опиваат луѓето?

Највисоки стапки на месечно опивање имале Грција, Ирска и Шведска - над 40 отсто од испитаниците. Најниски стапки (под 15 отсто) се регистрирани во Унгарија, Словенија и Хрватска.

Дали луѓето почнуваат да пијат порано?


Во земјите на ОЕЦД процентот на 11-годишници што консумирале алкохол се зголемил од 4 на 5 отсто во периодот од 2018 до 2022 година.

Во ЕУ највисоки стапки (10 отсто или повеќе кај 11-годишници) се забележани во Чешка, Франција, Унгарија, Бугарија и Романија.

Раното започнување и повтореното консумирање алкохол се поврзани со влошено ментално здравје, односно анксиозност, пад на когнитивните функции и поголема употреба на алкохол во зрелоста, наведува ОЕЦД.

Кај 15-годишниците над 35 отсто се напиле повеќе пати во Данска, Унгарија и Бугарија, додека Португалија имала најниска стапка - под 10 отсто.

Дали полот има влијание?


Преваленцијата на пијанство кај адолесцентите во просек опаѓа. Тоа ниво се стабилизирало кај момчињата - 22 отсто во 2019 и 2022 година. Кај девојчињата, пак, бил забележан пораст од 19 отсто во 2018 на 22 отсто во 2022 година.

И покрај тоа, во 25 земји од ЕУ поголем процент на момчиња отколку девојчиња пријавиле дека се напиле повеќепати во животот.

Што прават државите за да го спречат консумирањето алкохол кај малолетниците?

Многу земји вовеле регулативи и превентивни мерки за ограничување на достапноста на алкохолот и на неговото рекламирање.

Белгија неодамна го усвои новиот акционен план за алкохол 2023-2025, со кој се намалува достапноста на алкохолните пијалаци.

Новиот закон забранува продажба на алкохол: преку автомати, на бензински пумпи покрај автопатите од 22 до 7 часот и во болниците.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Freepik