Дали ракот може да се детектира преку здивот?

Дали ракот може да се детектира преку здивот?

Подготвил: Билјана Арсовска

Познато е дека некои болести создаваат специфични мириси кои се испуштаат од телото. Неодамнешни истражувања покажаа дека здивот на лицето може да индицира на присуство на рак.

За да ја тестира оваа теорија, британската Организација за испитување на ракот направила двегодишно испитување на клиничка направа наречена „Биопсија на здивот“, за да утврди дали издишаните молекули во движење можат да бидат корисни за детекција на ракот.

Во нормалните метаболитички процеси на телото се создаваат молекули наречени испарливи органски соединенија. Се мисли дека ракот може да создаде различни шеми на овие соединенија, а истражувачите се надеваат дека можат да ги идентификуфаат со помош на направата.

-Нашата цел е да видиме дали можеме да ги забележиме овие суптилни разлики - вели Били Бојл, коосновач и извршен директор на „Аулстон Медикал“, каде е развиена направата.

За да се направи испитувањето предводено од Центарот за испитување на рак во Кембриџ, се регрутираат до 1.500 учесници, вклучувајќи и здрави луѓе, кои би дејствувале како контролна група. Од учесниците ќе биде побарано десет минути да дишат во направата за да дадат примерок, кој ќе биде анализиран во лабораторијата на „Аулстон“ во Кембриџ.

Идејата е да се идентификува дали сигналите за рак се слични или различни и колку рано може да се забележат некакви сигнали. Ако кај некои луѓе се развие рак, нивните примероци ќе бидат споредени со оние кај кои нема да се развие рак.

-Итно треба да развиеме нови алатки, како овој тест со дишење, кој може да помогне во детекцијата и дијагностицирањето на ракот порано, давајќи им шанса на пациентите да преживеат - истакна професорката Ребека Фицџералд, водечки испитувач во Центарот за испитување на ракот во Кембриџ.

Во речиси половина од случаевите на заболување од рак во Англија, дијагностицирањето е во доцна фаза. Некои од причините се стравовите на пациентите од тестирања, недостаток од знаење на знаците и симптомите за рак и недостатокот од тестови за рана детекција на одредени видови на рак.

Според Бојл, раната детекција може да биде прашање на живот или смрт. Тој додава дека кај околу 85 отсто од лицата со рак на белите дробови, дијагностицирањето доаѓа во доцната фаза и тие најверојатно ќе починат за една или две години бидејќи додека лекарите да ја дијагностицираат болеста, веќе е предоцна.

Според Светската здравствена организација, во 2018 година на глобално ниво биле пријавени проценети 18,1 нови случаи на рак.

Бојл истакнува дека е тешко да се фати, зачува и транспортира здивоот, но додава дека направата е развиена да ги реши тие проблеми. Тој објаснува дека направата ги фаќа хемикалиите користејќи кертриџ, кој дејствува како сунѓер и потоа се транспортира во лабораторија, каде се анализира.