Филмот „Интерстелар“ доведе до важно научно откритие поврзано со вселената
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Уште од неговата премиера во 2014 година филмот „Интерстелар“ го стекна статусот на класик. Неговата приказна, извонредната актерска екипа и зачудувачките визуелни ефекти го прават еден од најимпресивните филмови на овој век, во голема мера благодарение на опсесијата на режисерот Кристофер Нолан да раскаже приказна што ќе изгледа што е можно пореалистично.
Но науката во „Интерстелар“ не е само прецизна, туку е и револуционерна. Благодарение на соработката меѓу астрофизичарот Кип Торн и тимот за визуелни ефекти, за време на продукцијата на филмот дошло до вистинско научно откритие.
Создавање црна дупка за големото платно
За филмот да биде што е можно поавтентичен, Нолан го ангажирал астрофизичарот Кип Торн. Неговиот придонес бил непроценлив, не само во теоретска, туку и во визуелна смисла. Торн тесно соработувал со уметниците од компанијата за визуелни ефекти „Дабл негатив“ за да создадат сферична црна дупка што ќе одговара на визијата на Нолан. Резултатот бил првиот научно точен модел на црна дупка некогаш создаден.
Процесот започнал со состанок меѓу уметникот за визуелни ефекти Пол Френклин и Торн, со цел детално да се разработат теоријата и математиката на црните дупки. Иако тимот немал проблеми со создавањето на црвоточината (хипотетичко тополошко обележје на време-просторот, кое всушност претставува скратен пат низ времето и просторот), црната дупка наречена Гаргантуа претставувала многу поголем предизвик бидејќи таа буквално ја искривува светлината.
- Софтверот за следење зраци генерално разумно претпоставува дека светлината се движи по прави линии - објаснила супервизорот за компјутерска графика Ежени фон Тунцелман. Поради тоа, тие морале да напишат целосно нов софтвер, а целиот процес генерирал речиси 800 терабајти податоци.
Проучувајќи ги акреционите дискови, материјата што кружи околу масивни тела како црните дупки, тимот дошол до клучен заклучок.
- Откривме дека искривувањето на просторот околу црната дупка исто така го искривува и акрециониот диск - рекол Френклин. Наместо стабилен диск, сличен на прстените на Сатурн, Гаргантуа создава светлосен ореол околу своето јадро, давајќи ѝ на црната дупка сферичен изглед. Она што тогаш не го знаеле е дека направиле научно пробивање.
Филмска „грешка“ што стана откритие
На почетокот, тимот од „Дабл негатив“ мислел дека светлосниот ореол околу Гаргантуа е грешка во софтверот за компјутерска обработка. Сепак, Кип Торн сфатил дека, според теоријата и математиката што им ја дал, токму така треба да изгледа една црна дупка.
Значи, она што го гледаме во филмот е всушност првиот научно точен модел на црна дупка. Тоа било доволно да го импресионира и самиот Торн. Гаргантуа стана доказ дека научната фантастика може да се држи до она што е навистина веројатно.
Фотографијата на НАСА ја потврди визијата од филмот
Пет години по излегувањето на филмот, во 2019 година, НАСА со помош на телескопот „Ивент хорајзон“ ја сними првата вистинска фотографија на црна дупка. Неверојатно, таа изгледала речиси идентично како онаа во филмот: темна централна сенка опкружена со нерамномерен, светол акреционен диск. Иако резолуцијата не била како филмската, сите клучни елементи што ги предвидел моделот на Торн биле јасно видливи.
Тука не станува збор за тоа дека животот ја имитира уметноста, туку за ситуација во која уметноста и науката соработувале за да предвидат природен феномен што дотогаш не сме можеле да го видиме. Фотографијата од 2019 година не „докажала“ дека „Интерстелар“ бил во право, туку потврдила дека визуелниот дизајн на филмот бил зачудувачки реалистичен.
Малку филмови можат да се пофалат дека реалноста на крајот ги стигнала нивните специјални ефекти, што е уште една причина зошто „Интерстелар“ е толку посебен.
Извор:
Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube