Марија Стојковска дипломира како најдобар студент по математика за 3 години, 9 месеци и 3 дена: „Личен придонес ќе ми биде ако изградам љубопитност за математиката“

Марија Стојковска дипломира како најдобар студент по математика за 3 години, 9 месеци и 3 дена: „Личен придонес ќе ми биде ако изградам љубопитност за математиката“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Марија Стојковска е прогласена за најдобар студент на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје откако со просек 9,88 дипломира на насоката наставна математика за само три години, девет месеци и три дена. Марија го доби признанието на 16 декември - Денот на Природно-математичкиот факултет.

Во текот на студиите приоритет ѝ било суштински да навлезе во математиката како наука и сѐ што бараат студиите да го извршува навремено и одговорно, а со таквиот пристап успехот дошол како природен резултат.

- Секако, самиот процес воопшто не беше лесен, но кога и зад тешкотиите стојат интересот, упорноста и љубопитноста како главни водилки, ништо не е неостварливо - вели Марија за „Факултети.мк“.

Математиката ја засакала уште од најрана возраст, а броевите едноставно ја фасцинирале.

- Математиката ја засакав уште од најрана возраст. Броевите и логиката отсекогаш ми беа пофасцинантни од сѐ што го привлекува интересот на едно дете. Во средно училиште до самиот крај не знаев што сакам да студирам, но потсвесно знаев дека ќе е нешто поврзано со математика. Кога сфатив дека најмногу ме привлекува самата математика, а не нејзините сродни дисциплини, изборот беше јасен - вели Стојковска.

Најтежок предизвик во текот на студирањето ѝ било како да се одржи постојан фокус и мотивација, особено во периоди кога обврските биле интензивни.

- Математиката бара континуитет, дисциплина и темелно разбирање, имајќи го тоа како добра основа, процесот на учење и полагање испити станува значително полесен и поефикасен - вели Марија.

Таа вели дека студентите на математика ја имале таа среќа да учат од професори кои секогаш биле отворени за комуникација и соработка.
- Тоа не само што помага во изучувањето на самиот материјал, туку има и голема улога во мотивирањето на студентите. Кога знаеш дека постои поддршка и разбирање, дури и најсложените предмети стануваат подостапни и полесни за изучување - истакна Стојковска.

Идната професорка по математика има неколку омилени предмети, но го издвојува предметот Веројатност и статистика врз кој се темели и нејзиниот дипломски труд.

- Покрај него, значајно место земаат Диференцијални равенки и Математичка анализа 2.
Истражувачката работа беше присутна преку проекти и семинарски кои освен што беа во рамките на самиот предмет, имавме можност да ги изложиме и на одржуваните семинари на самиот факултет - открива Марија.



Марија не гледа потреба од драстична промена на математиката, но смета дека може подобро да им се приближи на луѓето.

- Не гледам на математиката како на наука што треба драстично да се „менува“ бидејќи таа природно се развива и надградува со текот на времето. Но, она што мислам дека треба да се унапреди е начинот на кој таа им се приближува на луѓето. Доколку при својата работа можам да придонесам за подобро пренесување на знаењето и градење љубопитност кај идните генерации, тоа би го сметала за личен придонес - истакна Стојковска.

Марија во моментов е на магистерски студии, но не е сигурна каде се гледа за неколку години - дали во наставата или во истражувачката дејност.

- Отсекогаш сум се гледала себеси како личност која пренесува знаење, но никогаш не се знае дали таа желба понатаму ќе остане или ќе премине во истражувачка дејност. Прашањето дали тоа ќе биде тука или надвор, сѐ уште е отворено. Моментално сум на магистерски студии тука, но верувам дека времето ќе го покаже вистинскиот пат - заклучи најдобрата студентка на Институтот за математика.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.