Пат до бездна... или барем до чистилиштето: бунарот „Свети Патрик“ низ кој би избегал папата во случај на опасност
Бунарот „Свети Патрик“ (италијански: Pozzo di San Patrizio) е едно од најсложените инженерски дела на ренесансата. Се наоѓа на карпа над градот Орвието во централна Италија и е создаден како одговор на стравот од опсада и недостиг на вода за пиење.
Изградбата на бунарот започнала во 1527 година по наредба на папата Климент VII, кој по ограбувањето на Рим се засолнил во Орвието од војската на царот Карло V. Иако градот бил безбедно засолниште, папата бил свесен дека во случај на продолжена опсада, Орвието ќе остане без вода. Тој му ја доверил задачата на познатиот фирентински архитект и инженер Антонио да Сангало Помладиот, а градежните работите траеле 10 години (и биле завршени во 1537 година, за папата Павле III).
Бунарот првично се викал Поцо дела Рока поради неговата близина до тврдината Алборноз - Рока Алборноз. Подоцна, неговото име било променето бидејќи неговата длабочина многумина ги потсетувала на јамата од легендата за Свети Патрик, која била толку длабока што водела сè до чистилиштето.
Бунарот „Свети Патрик“ се смета за ремек-дело на ренесансното инженерство, а доказ за генијалноста на Сангало се двете спирални скали што се спуштаат до изворот на дното на бунарот. Скалите се целосно одвоени, така што магарињата што оделе да наполнат вода и оние што се враќале „полни“ не морале да се среќаваат.
Игра на светлина и сенка
Бунарот е цилиндричен по форма, длабок околу 54 метри, со дијаметар на основата од 13 метри. Секое скалиште има 248 скалила, а светлината допира до внатрешноста - се разбира - колку е подлабоко, толку помалку допира - благодарение на серија од 72 полукружни прозорци кои создаваат фасцинантна игра на светлина и сенка на камените ѕидови.
На влезот во бунарот е врежан латинскиот натпис: „Quod natura munimento inviderat, industria adiecit“. („Она што природата не го обезбедила, го додала човечката вештина“.) Овие зборови совршено го сумираат иновативниот дух на ренесансата.
На дното на бунарот се наоѓа мала врата што води до тесен тунел ископан во туфот (вулканска карпа), кој води до фонтаната „Сан Зено“ под карпата. Таа имала и стратешка улога - служела и како можен пат за бегство на папата во случај на опасност.
Тврдината Алборноз (Rocca Albornoz), изградена во 14 век, подоцна била реновирана и користена како воена тврдина до крајот на 19 век. Денес е место за културни настани, а нејзините ѕидови нудат спектакуларен поглед на долината. Преминот што ги поврзува тврдината и бунарот „Свети Патрик“ неодамна беше реновиран. Посетата на бунарот се наплаќа, а влезницата е 6 евра.
Извор: punkufer.dnevnik.hr
Фото: Instagram screenshot