Пет земји каде што Божиќ е забранет

Пет земји каде што Божиќ е забранет

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Постојат земји каде што Божиќ не се слави како официјален празник, а причините за тоа најчесто се културолошки или верски.

Северна Кореја

Во Северна Кореја нема место за верски празници како Божиќ. Тоталитарната идеологија на државата не толерира религија бидејќи ја гледа како конкуренција на државната власт и култот на личноста кој со години се гради околу династијата Ким.

Секој облик на прослава на Божиќ може да заврши со затвор или потешки казни, а организираната религија во земјата е под надзор на режимот.

Наместо христијански празници, државниот календар е полн со датуми кои ги слават лидерството и историјата на режимот. Најважен зимски настан е годишнината од раѓањето на Ким Џонг-ил (17 декември). Западните влијанија, вклучувајќи ги и божиќните обичаи, системски се отстрануваат од јавниот живот.

Саудиска Арабија

Како родно место на исламот, Саудиска Арабија со децении има јасен став кон Божиќ: не е во согласност со исламската доктрина. Години наназад јавните декорации, елките и секое видливо славење биле строго забранети, а празнувањето се сведувало на приватни простори и дипломатски кругови.

Во последниве години се забележуваат мали промени, најмногу поради обидите за модернизација и отворање кон туризмот. Во некои луксузни хотели и трговски центри во поголемите градови сега можат да се видат дискретни декорации, но без отворени верски симболи.

Брунеј

Брунеј спроведува строга верзија на шеријатското право кое строго ја регулира јавната сфера. Иако немуслиманите можат да го слават Божиќ во приватност, сè што би можело да изгледа како промоција на друга религија меѓу муслиманите се смета за проблематично.

Во практика тоа значи дека елките, новогодишните светилка, па дури и носењето капа на Дедо Мраз во јавност може да заврши со високи парични казни.

Компаниите имаат забрана за рекламирање на празниците, а властите јавно ги предупредувале граѓаните да се воздржат дури и од божиќни честитки во јавниот простор.

Поради тоа, Божиќ во Брунеј речиси целосно е ограничен на приватни домови и кругови на немуслиманската заедница.

Сомалија


Сомалија, држава со мнозинско муслиманско население и сложена безбедносна ситуација, оди чекор понатаму: Божиќ е целосно забранет.

Причините се комбинација на верски идентитет и безбедносни процени. Властите сметаат дека јавното одбележување на христијанскиот празник може да предизвика тензии и реакции на екстремистички групи.

Во земјата се забранети јавни декорации, па дури и вообичаени фрази како „Среќен Божиќ“. Фокусот е строго на исламските празници, а секое јавно изразување на друга вера се смета за предизвик на националното и верското единство.

Таџикистан

Таџикистан формално не го забранил Божиќ, но властите активно го обесхрабруваат. Станува збор за дел од пошироката политика на ограничување на странското културно и верско влијание, со цел зајакнување на националниот идентитет.

Властите повеќе пати испраќале препораки до училиштата и компаниите да не поставуваат декорации и да не организираат прослави, а продажбата на божиќни елки и украси е ограничена.

Целта не е сузбивање на верата, туку спречување на јавното ширење обичаи кои се доживуваат како „увезени“. Наместо тоа, државата силно го промовира традиционалното празнување на Навруз (персиската Нова година), кој е еден од клучните празници во регионот.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Unsplash