Во иднина би можеле да се појават сосема нови песни од Мајкл Џексон и Елвис Присли
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Никогаш не било полесно да се создава музика отколку сега со појавата на вештачката интелигенција. Денес не е потребно да имате никакво музичко образование, па дури ни малку талент. Доволно е само да внесете каков тип музика и песна сакате, и да ја оставите вештачката интелигенција да си ја заврши работата. Технологијата е толку напредна што навистина е тешко, а понекогаш и невозможно да се разликува песна создадена од ВИ од песна која ја пее вистински човек.
Дел од луѓето сметаат дека тоа не е никаков проблем. На голем број луѓе не им е важно кој и како ја напишал или отпеал песната, важно е само да звучи добро и да уживаат во слушањето. Но, многумина не ја сакаат музиката создадена од ВИ бидејќи сметаат дека на тој начин се убива креативниот процес, а музиката за нив е нешто многу повеќе и многу повредно, па дури и не сакаат да слушнат за песни создадени од вештачка интелигенција.
ВИ - крал на поп-музиката
Благодарение на ВИ и музичките програми базирани на оваа технологија, би можеле да се оживеат, барем музички, некои од најголемите починати ѕвезди.
Според истражување спроведено од „Ројал филхармоник оркестра“, дури на 58 отсто од возрасните Британци им се допаѓа идејата ВИ да создава нова музика на починати музичари. Најпопуларен избор за починат музичар чии нови песни би сакале да ги слушнат е Мајкл Џексон. По кралот на попот, втор музичар кој би сакале да го слушнат е Фреди Меркјури, а потоа следува Боб Марли.
Интересно е што лицата што учествувале во истражувањето не биле ограничени само на популарна музика и поп-легенди од минатиот и овој век, туку многумина би сакале да слушнат нови композиции од Моцарт, Бетовен, Бах, па дури и Луис Армстронг и Глен Милер.
И покрај желбата да слушнат што може да направи ВИ, повеќе од половина испитаници (56 отсто) сметаат дека оваа технологија може да придонесе за намалување на иновациите и креативноста во музиката, додека една петтина сметаат дека ВИ може да ја зголеми иновативноста. Кога станува збор за изведување музика во живо, јасно е дека мнозинството (повеќе од три четвртини) не верува дека технологијата може да биде креативна како луѓето.
Технологијата не треба да се игнорира
Според Ху Дејвис, директор на „Ројал филхармоник оркестра“, технологијата со децении била важна алатка за музичарите без која не би можеле да снимаат музика на цеде или грамофонски плочи, додека во последно време интернетот, социјалните мрежи и стриминг-сервисите имаат големо влијание врз пристапот до музика, откривањето нови песни, пејачи и бендови, и секако уживањето во музиката.
Тој порача дека како и со сите форми на технологија, треба да ги прифатиме промените и иновациите, но треба да размислуваме и за потенцијалните последици од користењето ВИ во музичката индустрија.
Иако би било интереснo да се слушне што ВИ, врз основа на сите нивни песни, би можела да создаде и какви песни би ни отпеале Џексон, Меркјури, Марли, Ленон или Елвис Присли во форма на вештачка интелигенција, вистинските љубители на овие изведувачи веројатно ќе се изненадат или дури ќе се згрозат само од помислата на таа идеја. Таквите песни сепак не ги напишале тие, ниту некогаш ги изведувале, и кога би биле живи не би се согласиле на вакво мешање во нивната креативност.
Извор:
The Independent
Фото: Screenshot/YouTube