Зошто имаме по пет прсти на рацете и на нозете?

Зошто имаме по пет прсти на рацете и на нозете?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Одговорот на прашањето зошто имаме по пет прсти на рацете и на нозете е изненадувачки тешко да се открие.

За многумина, броењето на прстите уште од најрана возраст е дел од првите искуства. Пет прсти на рацете и пет на нозете ни изгледаат сосема природно и очекувано, особено кога преку игра и допир го запознаваме сопственото тело. Но ако застанеме и размислиме подлабоко, оваа навидум едноставна анатoмска карактеристика отвора едно навистина интересно прашање: зошто луѓето, всушност, имаат токму пет прсти на секој од четирите екстремитети?

Краткиот одговор е дека така сме еволуирале, но од каде потекнуваат тие прсти и како се развиле е многу посложена приказна.

- Кога зборуваме за тоа зошто имаме пет, а не шест или четири прсти на рацете и на нозете, тоа е навистина тешко прашање - вели Тецуја Накамура, вонреден професор на Катедрата за генетика при Универзитетот „Буџерс“. За да го најдеме одговорот, мора да се вратиме милиони години наназад.

Сè почнува од заеднички предок


Сите тетраподи, група која ги вклучува водоземците, влекачите, птиците и цицачите, потекнуваат од заеднички предок.

- Ако прашате од каде потекнуваме, нашиот заеднички предок била риба - објаснува Накамура.

Рибите првично развиле екстремитети за движење по копно за време на девонскиот период на Земјата, пред околу 360 милиони години. Релативно кратко потоа (во еволутивна смисла), првите четириножни суштества кои имале и до осум прсти на секој екстремитет ги изгубиле вишокот прсти. Од тој момент, пет прсти на рацете и пет на нозете станале стандардна карактеристика кај првите тетраподи.

Изумрената девонска „рибовидна“ животна форма „тиктаалк росеае“ била еден од првите ’рбетници што излегле на копно.

Овој петпрст план брзо се вградил во таканаречените „хокс гени“ - сет од контролни гени кои дејствуваат како генетски план и обезбедуваат деловите од телото, органите и екстремитетите да се развијат на вистинските места. 

Секако, не сите денешни ’рбетници имаат по пет прсти, но повеќе од 99 отсто од тетраподите ја споделуваат истата коскена структура од пет прсти. Во оваа група спаѓаат и морските лавови, китовите и фоките, кои имаат „прстести“ коски скриени во нивните перки, како и лилјаците, чии прсти се поврзани со кожа и ја формираат структурата на крилјата. Дури и ембрионите на коњите и птиците накратко започнуваат со пет прсти, пред тие подоцна да се развијат во копита или во помал број прсти.

Анализата води назад кон рибите

Дури во 2016 година група научници од Универзитетот во Чикаго утврдија дека коскените елементи што им даваат структура и флексибилност на рибите со текот на времето еволуирале во прсти на рацете и на нозете.

- Откривме дека нашите прсти и скелетните елементи на перките на рибите ги користат истите Hox-гени и истите функции за да се развијат - вели Накамура. Со други зборови, перките на рибите и нашите прсти потекнуваат од истиот генетски „алат“.

Што значи ова?

Иако истражувањето покажа директна врска меѓу скелетните елементи на перките на рибите и прстите кај тетраподите, сè уште има многу неодговорени прашања за тоа како луѓето ги развиле прстите на рацете и на нозете.

- Откривме дека нашите прсти најверојатно еволуирале од скелетните елементи на перките, иако станува збор за многу различни структури. Остануваат многу прашања. На пример, како точно дошло до нивната трансформација во прсти? И кои гени и молекули го регулирале тој процес - вели Накамура и додава дека одговорите би можеле да дојдат побрзо отколку што очекуваме.

Извор: Popsci.com
Фото: Freepik