„Озборувачка“ добива продолжение - се фокусира на животот на Блер Волдорф

„Озборувачка“ добива продолжение - се фокусира на животот на Блер Волдорф

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

По повеќе од две децении од објавувањето на првиот роман „Озборувачка“, авторката Сесили фон Зигесар подготвува продолжение кое повторно ќе се фокусира на еден од најпрепознатливите ликови од франшизата - Блер Валдорф. Романот е едноставно насловен „Блер“, а објавувањето е закажано за 2027 година.

Според достапните информации, романот ќе се одвива по дваесет години од настаните во оригиналната серија на книги. Блер Валдорф сега е во своите четириесетти години, а приказната ќе го следи нејзиното враќање во Њујорк и нејзиниот обид да се искачи на врвот на општествената хиерархија на „Апер ист сајд“. Деталите за заплетот сè уште не се откриени, но се очекува да се задржи препознатливиот тон на серијата, кој комбинира социјална сатира, гламур и приказ на њујоршката елита.

Дали ќе добиеме и телевизиска серија?

Романот беше продаден во таканаречен голем договор на издавачката куќа „Гранд централ паблишинг“ во Соединетите Држави, а истовремено ќе биде објавен во Обединетото Кралство од „Орион фикшн“.

Проектот го надгледува „Алој ентертејмент“, продуцентска куќа позната по многу успешни литературни и телевизиски адаптации. Меѓу нивните најпознати наслови се „Дневниците на вампирите“, „Убави мали лажливки“, „100-те“ и „Ти“. Во исто време, „Алој ентертејмент“ ги задржува филмските и телевизиските права за новиот роман, што е дел од нивната долгогодишна стратегија за лиценцирање исклучиво на правата за објавување. Иако засега нема официјални информации за потенцијална адаптација, со оглед на историјата на франшизата, интересот од телевизиската индустрија се смета за многу веројатен.

 
Враќање на „Апер ист сајд“

За потсетување, оригиналниот роман „Озборувачка“ беше објавен во 2002 година и се продаде во повеќе од шест милиони примероци низ целиот свет. Книгите се преведени на 25 јазици, а серијалот помина повеќе од 100 недели на листата со бестселери на „Њујорк тајмс“. Телевизиската адаптација, која се емитуваше од 2007 до 2012 година, дополнително ја зацврсти популарноста на франшизата. 

Новиот роман „Блер“ претставува продолжение на развојот на еден од најпознатите брендови на поп-културата од светот на литературата и телевизијата за млади возрасни, но со акцент на позрелата животна фаза на протагонистот и публиката што порасна со оваа серија.

Извор: journal.hr

Фото: Instagram screenshot