Повторното учење на основните движења може да ја ублажи хроничната болка во долниот дел од грбот
Милиони луѓе во светот имаат болки во долниот дел од грбот. Ново истражување од Универзитетот во Јужна Австралија покажува дека повторното учење на „бебешките“ движења, како што се лазење, тркалање и клекнување, може да помогне во намалувањето на непријатноста и подобрување на начинот на кој се движат луѓето.
Во пилот-студија на луѓе со хронична неспецифична болка во долниот дел од грбот, истражувачите откриле дека 12-неделна програма базирана на движење, наречена „Мотум“, може да ја намали болката, да ја подобри рамнотежата и да поттикне поголема самодоверба во извршувањето на секојдневните активности.
Развиена од физиотерапевти, програмата користи движења на земја за повторно утврдување на основните шеми на движење и обновување на свеста за телото. Програмата, спроведена лице в лице, комбинира прогресивни функционални вежби со едноставна едукација за болката и движењето и е дизајнирана да биде безбедна, остварлива и приспособлива за сите учесници.
Алис Фармер, водечка истражувачка, вели дека враќањето на основните движења може да им помогне на луѓето да ја вратат контролата и да ја намалат постојаната непријатност.
-Болката во долниот дел од грбот ги погодува луѓето од сите возрасти и од сите средини. Но, вообичаениот одговор е ист: луѓето почнуваат да избегнуваат одредени движења затоа што се плашат дека ќе ги влошат работите. Иако вежбањето е еден од најбезбедните и најисплатливи третмани, многу луѓе ги сметаат традиционалните програми несоодветни за нивните потреби. „Мотум“ беше дизајниран да го промени тоа - вели Фармер.

фотоизвор: Musculoskeletal Science and Practice
Првите четири недели од програмата се фокусираат на движења на под, како што се тркалање, лазење и клекнување, кои обезбедуваат безбедна, стабилна основа за обнова на основната моторна контрола. Учесниците потоа напредуваат кон посложени движења во текот на 12 недели, поддржани од физиотерапевти кои ги приспособуваат вежбите на индивидуалните способности.
Глобално, болката во долниот дел од грбот влијае врз повеќе од 600 милиони луѓе. Таа е водечка причина за години поминати со попреченост.
- За луѓето со постојана болка во грбот, програмите што се фокусираат на фундаментално движење и моторна контрола, а не само на сила или издржливост, можат да понудат спас од болката. Хроничната болка е комплексна, но ангажманот е сè. Ако луѓето не уживаат или не веруваат во програмата, тие едноставно нема да ја направат. „Мотум“ го постигна спротивното: луѓето се појавија, се чувствуваа безбедно и забележаа значајни промени во начинот на кој се движеа. Сè уште ни требаат поголеми испитувања, но овој пилот-проект покажува вистински потенцијал - заклучуваат истражувачите.
Извор: medicalxpress.com
Фото: Freepik/Musculoskeletal Science and Practice